Преспа е регион кој плени со својата природна убавина, регион кој стана синоним на обединување, компромис и соработка меѓу соседите. Таа, сега е синоним за цивилизациска вредност, дијалог, разбирање и неизмерно почитување на културните разлики и вредности. Ова беше истакнато на тркалезната маса на локалната самоуправа „Перспективите на прекуграничната соработка во светлина на проектот ЕУ за Преспа“ што денеска се одржа во Отешево во рамките на првата конференција „Преспа форум за дијалог“.
На тркалезната маса свои обраќања, меѓу другите, имаа министерот за локална самоуправа Горан Милевски и домаќинот, градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски.
Владата, според Милевски, искрено работи на поттикнување и проширување на соработката во регионот.
– Тоа значи поврзување во напорите за зголемување на конкурентноста, подинамичен одржлив економски развој, поголемо вложување и грижа за човечкиот капитал, подобри услови за живеење на нашите граѓани, особено на младите, кои делат иста судбина – со едната нога дома, а со другата надвор во потрага по подобар живот, рече Милевски.
Според него, договорите, форумите, политиките, имаат смисла само ако предизвикаат позитивни промени, кои ќе имаат влијание на живеачката на луѓето. Говорејќи за важноста на Европската Унија во регионот, ресорниот министер наброја дел од проектите реализирани со средства од ЕУ фондовите.
– Очекувањата се големи, затоа што Европската Унија веќе најави директна поддршка од 18 милиони евра за овој регион, што ќе се имплементираат главно преку ИПА инструментот. Она што сега го прават државите, преку соработка да ја зголемат конкурентската предност на регионот, општините од регионот одамна го практикуваат. Реализирани се над 200 проекти во сите осум плански региони. Речиси и да нема општина во државата што нема заеднички проект со општина или со граѓанска организација од соседна земја, рече Милевски.
Локалните власти и граѓанските организации, додаде, се клучни креатори на развојот и директно учествуваат во имплементацијата.
Почнувајќи го своето излагање со латинската поговорка „Низ трњата до ѕвездите“ ресенскиот градоначалник Гошаревски се осврна на трнливиот пат кон европското семејство, што земјава го минува и реформите што ги прави за да влезе во Европската Унија.
– Мене како градоначалник, но пред се како човек, ми претставува огромна чест и ме прави особено горд, што токму тука се потпиша историскиот договор, а преку него нашата држава стана активен учесник во градењето на мирот и стабилноста во регионот и Европа. Тој договор ни го донесе влезот во најголемата воена алијанса, не направи стабилна и сигурна држава која не треба да стравува за својата безбедност, рече Гошаревски.
Посебен печат во соработката со соседите, додаде градоначалникот, ќе биде отворањето на граничниот премин „Маркова нога“, кој претставува желба на жителите од двете страни на македонската и грчката граница.
– Оваа граница е симбол на бришење на границите кога станува збор за економска и културна размена и искористување на целиот потенцијал за подобра перспектива на населението од двете страни, нагласи Гошаревски.
Во обраќањето пред присутните градоначалници и млади од повеќе земји ресенскиот градоначалник сподели дел од прекуграничните проекти за подобар живот во Преспа и заштита на Преспанското Езеро.
