Како премиер ја почитувам политичката волја на партиите, на коалициските партнери коишто се во Владата и нивната определба и решенијата со коишто тие ќе излезат како понуда пред граѓаните. Ова го истакна денеска премиерот Зоран Заев одговараќи на прашање за кандидатурата на министерот за здравство Арбен Таравари за градоначалник на Гостивар.
– Во исто време го споделувам и ставот дека секој избран и именуван функционер на Владата на РМ покрај политичката, има и морална и етичка одговорност за својата работа и се разбира пред граѓаните на оваа наша земја, рече Заев.
Според него може да се случи и некои други министри, заменици министри да бидат кандидирани. Нагласи дека Владата на РМ им гарантира на сите граѓани дека сите министерства и сите останати владини институции ќе работат со целосен капацитет пред, за време и после локалните избори. Тој рече дека е задоволен од досегашната работа на министерот.
На прашањето во кое својство Зоран Верушевски бил присутен со него при посетата на Израел, премиерот Заев рече дека професорот Верушевски бил со него како советник за национална безбедност на премиерот на РМ.
– Ангажиран е и токму во таа функција, беше присутен заедно со нас каде што одржавме доста квалитетни состаноци со високи претставници на Израел. Ние бевме таму да зборуваме за перспективите. Како што знаете, а верувам дека и поголем дел од граѓаните знаат дека Израел е значајна на регулација на бранот на бегалците којшто доаѓа токму од тој дел на светот, вклучувајќи ги Сирија, Иран, Ирак, но и африканските земји, рече Заев и посочи дека во тој дел нашите разузнавачки служби треба да разменуваат информации за поуспешно вградување во колективниот систем за безбедноста.