Застреланиот Коста Крпач како управител на фирмата Финзи набавил возило за мобилно прислушување за потребите на Управата за безбедност и контраразузнавање, објави ТВ Телма. Набавката е дел од обвинението на СЈО за истрагата Трезор во кое обвинети се Сашо Мијалков, Тони Јакимовски и Горан Грујовски. Дојче веле повикувајќи се на извори од истрагата објави дека тоа специјализирано комби всушност е -„Жолтото комбе“ кое стана синоним за неаргументираната одбрана на Владата на Никола Груевски за масовното прислушување на над 20.000 граѓани, наводно командувано за потребите на „странски служби“.
Од СЈО не коментираа на оваа тема, а нема ниту коментар од УБК. Таканареченото жолто комбе кое прислушувало во центарот на Скопје го објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кога беше објавен случајот Пуч. Во обвинението на СЈО за Трезор стои дека анекс договорот со Финзи е потпишан на 8-ми јуни 2012-та година и дека е набавено нешто што го немало во спецификацијата на набавката.
-Обвинетиот Г.Г. (Горан Грујовски) изготвил допис-барање за доопремување на системската единица за подвижен видео надзор, насловено до Сектор при Министерството, кој допис е даден на потпис на обвинетиот Т.Ј. (Тони Јакимовски) и истиот ставил своерачен потпис и печат на барањето заведено со бр… од 08.06.2012 година, па по поднесеното барање потпишано од обвинетиот Т.Ј. и изготвување на анексот број… од страна на службите на Управата, помеѓу Министерството застапувано од сведокот Ѓ.П. и правното лице ДТУ Ф.(Финзи) ДООЕЛ С. претставувано од тогашниот управител К.К. (Коста Крпач). на 09.07.2012 година склучен е анекс, пишува во обвинението на СЈО за „Трезор“.