“Третоотворената истрага, која е под името „Тотал“ опфаќа дејствие на извршување на едно продолжено кривично дело – Даночно затајување од член 279 став 2 в.в. со став 1 од Кривичниот законик, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на физичко лице како сопственик и управител на Друштвото за маркетинг ТОТАЛ МАРКЕТИНГ АГЕНЦИЈА ДООЕЛ Скопје, управител на Друштвото за маркетинг и пропаганда ТОТАЛ МАРКЕТИНГ ДООЕЛ Скопје, управител на Друштвото за маркетинг и истражување на пазарот МЕДИАМАКС ДООЕЛ Скопје и сопственик и управител на Друштвото за маркетинг ТОТАЛ МЕДИА ЦЕНТАР ДООЕЛ Скопје.
Имено, од доказите произлегува основано сомнение дека осомничениот за даночните години 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014 и 2015 со намера тој и правните лица да одбегнат делумно плаќање на даноци, во книговодствената евиденција на друштвата, завршните сметки и даночните пријави давал лажни податоци за фактите од влијание за утврдување на износот на даночните обврски кои биле должни да ги платат, со што споменатите правни лица за наведените даночни години одбегнале да платат даночни обврски во значителен износ од 7.466.981 денар или 121.414. евра, а осомничениот одбегнал да плати даночни обврски во значителен износ од 3.876.471 денар или 63.032 евра.
Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека за даночните 2008 – 2015 осомничениот како управител на наведените правни лица, ја намалил основицата за пресметување на данок на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на данок на додадена вредност и не пријавил лични приходи, кои задолжително се пријавуваат согласно Законот за персонален данок од доход.
Имено, постои основано сомнение дека осомничениот ги користел правните лица како параван и всушност набавката на опрема и услуги за себе, го евидентирал како набавка за правните лица, иако три од наведените правни лица воопшто немале вработени за вршење на дејноста и за користење на опремата која ја набавувал, а во едно правно лице биле вработени двајца работници, и тоа едниот од август 2014, а другиот од септември 2015 година, што во конкретниот случај не е од значење за одбегнатите даночни обврски.
Таквите средства во книговодството ги евидентирал како основни средства, опрема, тековни трошоци, со што ја намалил основицата за пресметување на данокот на добивка. На ваквите расходи, кои не се признаваат согласно законот, бидејќи не се употребени за дејноста на друштвата, и се работи за лични потреби, осомничениот го злоупотребил и правото на одбиток на влезниот ДДВ и ја намалил обврската и по тој основ.
Од доказите произлегува и дека износот за кој се набавени добра и се примени услуги, кои фактички биле употребени за лични потреби и согласно Законот за персонален данок од доход претставуваат негови лични примања, осомничениот не ги пријавил во годишната даночна пријава за тој данок и со тоа ја одбегнал и таквата даночна обврска.
- За да биде појасно, осомничениот како управител на наведените правни лица, преку овие правни лица вршел набавки за себе лично, а затоа ќе Ви наведам неколку примери од асортиманот кој е купуван наводно за правните лица:
- Два душека Меџик тач во вредност од 189,396,00 денари или 3.080 евра;
- Рачен часовник Breitling во вредност од 144,027 денари или 2.341 евра.
- Персиски теписи во вредност 285.000 денари или 4.635 евра;
- Врвно дизајнирани и високо квалитетни кујнски садови во вкупен износ од 232.418 денари или 3,780 евра;
Со овие дејствија, како што наведов постои основано сомнение дека за правните лица осомничениот одбегнал даночни одбврски во вкупен значителен износ од 7.466.981,00 денари или 121.414 евра, а за себе самиот одбегнал даночни обврски во вкупен значителен износ од од 3.876.471,00 или 63.032 евра.” – изјави обвинителката Фетаи.