Највисокиот црковен совет на Православната црква во Америка донесе решение за прифаќање на канонскиот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и воспоставување потполно евхаристичко единство со нејзините епископи, свештеници и верници.
Оваа објава, како што известува Литургија.мк, беше презентирана од страна на предводникот на Православната црква во Америка, Архиепископот Вашингтонски и Митрополит на цела Америка и Канада, г.г. Тихон во неговиот извештај од 15 јули 2025 година, доставен пред 21-от Сеамерикански црковен собор, кој оваа седмица се одржува во Феникс, Аризона, САД.
Одлуката доаѓа по молба на српскиот патријарх, г.г. Порфириј, кој во официјална комуникација со митрополитот Тихон, побара Православната црква во Америка, во согласност со Томосот даден од Српската православна црква, да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Канцелариите на митрополитот Тихон и архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан се во контакт и планираат заедничка богослужба меѓу двајцата предводници, која ќе се реализира во катедралата „Свети Никола“ во Вашингтон.
“Ова сослужување ќе биде крунисано со свечено признавање на автокефалноста на Македонската православна црква, која го зазема своето место покрај Православната црква во Америка како целосно автокефална помесна православна црква” – се вели во известувањето на официјалната веб страница на Православната црква во Америка.