Со изведување материјални докази за бруталното насилство врши врз Ивана Стојаноска и нејзината 6-годишна ќерка Катја, денеска продолжи судењето против обвинетиот Стојанче Јовановски.
Случајот кој ја згрози јавноста се однесува на двојното самоубиство од 2 март, кога мајката и ќерката скокнаа од зграда во населбата Тафталиџе, објави 4news.mk
Јовановски се товари за три тешки дела:
Загрозување на сигурноста
Тешка телесна повреда при семејно насилство
Наведување на самоубиство
Обвинителката Адела Бојчевиќ презентираше серија аудиоснимки од телефонски повици на бројот 112, кои датираат од 2024 и 2025 година, а кои го документираат пеколот низ кој поминувало семејството:
Сведоштва на соседи: Соседи пријавувале детски крици и бучава во доцните ноќни часови. Во еден случај, малтретираното девојче истрчало босо кај сосед, жалејќи се дека е тепано.
Фаталниот 2 март: Само два часа пред да се самоубие, Ивана плачејќи се јавила во полиција. Иако претходно истиот ден пријавила насилство (но од страв молчела), при вториот повик молела за итна интервенција пред судот.
Заканите од полицијата: Според сведочењето на очевидецот Мартин Саздов, полицијата не само што не го препознала насилството, туку ѝ се заканила на претепаната Ивана со кривична пријава за лажно пријавување доколку уште еднаш се јави. Еден час подоцна, таа и нејзиното дете биле мртви.
Во судницата беа пуштени снимки на кои се слушаат и најблиските на обвинетиот:
Мајката на Стојанче: Цветанка Јовановска пријавила „обид за убиство“ од страна на нејзиниот син, додека во позадина се слушаат врисоците на малата Катја: „Ќе ја убие мама!“. Таа потврдила дека и детето е удирано.
Мајката на Ивана: Љубица Стојаноска во 2025 година пријавила дека нејзиниот зет ја тепа ќерка ѝ среде бракоразводна парница.
Сестрата на Стојанче: Исто така пријавувала насилство врз Ивана и внуката. На една од снимките се слуша како Јовановски ѝ се заканува на Ивана: „Подобро убиј ме, зашто сè ќе ти ебам!“.
Додека се презентираа овие докази, обвинетиот Јовановски гестикулирал и протестирал, поради што судијата Ивица Стефановски мораше да го опомени. Меѓу доказите беше и повик од самиот Стојанче, во кој тој се обидел да ја намести Ивана, пријавувајќи ја дека таа него го малтретира и дека „сама ќе се истепа“ за да го обвини него.
Рочиштето продолжува со видеоматеријали.
