Во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во тек е имплеметација на проектот “ Воведување и спроведување на мерките за Заедничко уредување на пазарите“ финансиран од ИПА на Европската Унија 2015 година со буџет од приближно 900.000 евра и со траење од 26 месеци.
-Имплементирањето на овој проект е од голема важност за македонското земјоделство бидејќи истиот ќе придонесе кон зголемување на пазарните можности, економскиот развој и севкупното производтсво во земјоделскиот сектор, истовремено подобрувајќи ја конкурентноста на земјоделскиот сектор во согласност со барањата за пристапување во ЕУ, се вели во соопштението од МЗШВ.
Оттаму информираат дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, денеска присуствувал на потпишување на Меморандум за соработка и партнерство помеѓу задруги од Република Северна Македонија и Република Бугарија.
-Ни претстои уште поголема работа и уште поголеми предизвици кон целосно исполнување на европските стандарди и модернизација на споменатите сектори и политики што ќе резултира со зачленување на Република Северна Македонија во европското семејство, за што е потребно да вложиме максимални напори и да придонесеме за реализација на оваа цел. Ви посакувам успешна соработка и партнерство и искрено се надевам дека ќе бидете успешен пример на соработка и за другите задруги во земјава и регионот и дека овој пример ќе биде препознаен како модел кај други земјоделски производители во Република Северна Македонија, рекол министерот Хоџа.
Проектот, како што велат од МЗШВ, ќе им помогне и на институциите и на приватниот сектор во уредување на бараниот сет на национални пазарни стандарди за свежо овошје и зеленчук на внатрешните и извозните пазари на ЕУ, а секако и помош на Министерството во политиките за заштита на земјоделски производи од нарушувања, предизвикани од флуктуации на цените и нелојална конкурентност со која се соочуваат производителите.
Министерот Хоџа упатил благодарност до Делегацијата на Европска унија за поддршката во реформите и прилагодувањето на сите сектори.