Поскапуваат горивата од 1,5 до два денара за литар

Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат за 1,5 до два денара за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,46 отсто.

Во согласност со одлуката на РКЕ, малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар за литар, а цената на „евродизелот“ (Д-Е V) се зголемува за два денара за литар. Со тоа, новата малопродажна цена на „евросупер БС-95“ е 72 денара за литар, „евросупер БС-98“ ќе се продава за 74, „евродизелот БС“ (Д-Е V) за 66,5, а екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 66 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ, за 0,854 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“’ и ќе изнесува 32,987 денара.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 4,109 отсто, кај дизелот за 5,194, кај екстра-лесното масло за 4,462 и кај мазутот за 3,846 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка, пак, е повисок за 0,2303 отсто.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e