Поради неплатени долгови ТВ Алфа може да остане без дозвола за емитување

Поради долг, почна постапката за одземање на дозволата на ТВ Алфа. Сепак, телевизијата има 15 дена да собере пари и да го уплати долгот кон ОНЕВИП, од каде се емитува сигналот на телевизијата, по што ќе може да продолжи со работата. Ова е одлуката на денешната седница на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), чиј директор, Зоран Трајчевски ја образложи постапката, без да соопшти за колкав долг се работи.

– По редовниот мониторинг утврдивме дека не се емитува сигналот на телевизијата. Побаравме од ОНЕВИП да одговорат за што се работи, дали е технички проблемот, зошто не го доставуваат сигналот. На 16 август ни одговорија дека поради неплатени обврски го исклучиле емитувањето и по основа на тоа дека сега е повеќе од 30 дена од неемитување на програма, се дава предлог за отпочнување на постапката за одземање на дозволата, рече Трајчевски, кој додаде дека Алфа, односно во дозволата ТВ Скопје, прекршила уште еден член од законот, објави Канал 77.

– Тој има добиено дозвола да емитува преку дигиталниот мултиплекс на ОНЕВИП, а сега не емитува програма така. Можеби емитува преку некој кабелски оператор, кажа Трајчевски.

Во текот на расправата, членот на советот Милаим Фетаи рече дека е незгодно време за одземање дозвола на една телевизија, но, непокренувањето на постапката ќе значи дека радиодифузерите се ставаат во нерамноправна положба ако сега се прогледа низ прсти.

-Ние имаме законска обврска, со оглед дека поминале 30 дена и тие немаат сигнал. Мислам дека е во ред да го прифатиме предложеното и ако тие се реорганизираат ќе може дозволата да ја вратат. Да немаме големи дилеми, бидејќи имаме јасна законска основа. Малку е чувствителен периодот, но ова нема никаква политичка конотација, нема политичка тенденција, бидејќи се работи за финансиска неможност на медиумот да ги исполни обврски како и секој друг медиум, изјави Фетаи.

Пред оваа седница на Агенцијата, се шпекулираше дека ваква постапка за одземање на дозволата ќе се покрене и за ТВ Нова, на Сеад Кочан долг за неплатен надоместок, меѓутоа ова не беше точка на дневен ред на АВМУ. Телевизијата на Кочан должи и на државата за неплатен данок од 19.000 евра, а според пишувањето на некои медиуми, новинарите не добиле плата три месеци.

ТВ Алфа пак со години е толерирана од државата и УЈП. Телевизијата за данок на државата и’ должи 98.000 евра. Двете телевизии беа силни поддржувачи на донеодамнешната влада на ВМРО ДПМНЕ и на тој курс остануваат и натаму, сега, кога партијата замина во опозиција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e