Попис 2021: Североисточниот регион од 2002 година загубил 11,46% од своите жители

Североисточниот регион е еден од најмалите со 2 310 километри квадратни и опфаќа 9,3 проценти од вкупната територија на државата. Во него живеат 152 982 жители или 8,54 проценти од вкупното резидентно население. Според бројот на населението е петти по големина, а седми по територија. Со 66,2 луѓе на квадратен километар е трет по густина на население.

Во споредба со 2002 година регионот има загубено 19 805 жители или 11,46 проценти. Во 2002 регионот, бил на шесто место со 8,54 отсто од населението и густина од 74,7 луѓе на квадратен километар.

За 20 години регионот има загубено по 8,5 жители на квадратен километар. Намалување на населението има во сите шест општини.

Процентуално најголем пад има во Кратово – 27,74% и Старо Нагоричане – 27,67%, потоа е Липково – 17,55%, Ранковце – 16,39% и Крива Паланка – 13,26%.

Најмал пад на населението има во Куманово, каде живеат две третини од вкупното население во регионот – 98 104. Тоа е пад од 7 % во однос на бројот на жители во 2002 година или по 14,5 жители на квадратен километар.

Интересно е што, наспроти намалувањето на вкупниот број на резидентно население, бројот на домаќинства бележи раст од 8,1 проценти во однос на 2002 година, исто како и бројот на станови, кој што има раст од 12,27 проценти.

Куманово за 20 години има загубено 7 380 жители, но бројот на домаќинства се зголемил за 2 466, а на станови за 4 679.

Додека бројот на жители за 20 години е намален, бројот на домаќинства во регионот е зголемен за 4,35 проценти, а бројот на станови за 13,26 отсто.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e