Од пред два дена се потпишува петиција со повик до македонските власти да ги преиспитаат или целосно да се воздржат од какви било планови за сместување на бегалци од Обединетото Кралство во Македонија. Петицијата е на специјализираната страна за вакви намени – change.org, а е покрената од македонски државјани. До сега петицијата ја потпишале 38 потписници.
„Како граѓани на Северна Македонија, ја разбираме важноста на обезбедувањето помош на оние на кои им е потребна. Сепак, мора да размислиме и за нашите локални заедници, економии и инфраструктури. Нашата нација има една од највисоките стапки на невработеност во Европа, при што статистиката во првиот квартал од 2023 година покажува дека се движи околу 17,8%. Економијата е сè уште на патот на закрепнување откако беше сериозно погодена од глобалната пандемија, а секое дополнително економско оптоварување може да доведе до непредвидени последици што би го вратиле напредокот постигнат во последните години. Покрај тоа, нашиот политички пејзаж сè уште не е стабилен. Во 2022 година, Северна Македонија доживеа значителни политички немири, а додавањето повеќе проблеми има потенцијал да ги влоши тензиите. Наш приоритет треба да биде да се фокусираме внатрешно на лекување на нашите политички поделби и зајакнување на управувањето со нашата нација пред да преземеме дополнителни меѓународни одговорности. Иако сочувството е од витално значење, а глобалната солидарност е клучна, подеднакво е важно да се осигуриме дека благосостојбата и напредокот на нашата земја не се компромитирани“, пишува во образложението на петицијата.
Веќе неколку дена дел од британските медиуми, меѓу кои и Тајмс и Сан, пишуваат за наводната намера на властите на Македонија и Велика Британија да започнат и официјални преговори за отворање на „центар за враќање“ на мигранти на македонско тло. Македонија би добила добие пари за секој прифатен мигрант од Велика Британија.
Мигрантите, според овие медиуми, нема да бидат притворени ниту ќе се соочуваат со ограничувања во нивното движење, туку ќе бидат охрабрени да побараат азил или да добијат работни визи во сектори каде што има големи недостатоци, како што е градежништвото.
Антонио Милошоски, пратеник од владејачката ВМРО ДПМНЕ демантираше дека се разговара за мигрантите.
Извор од Министерството за внатрешни работи на Велика Британија за Тајмс изјавил:
„Во преговори сме со одредени земји, но не градиме план за миграција кој се потпира само на центри за враќање. Тој секогаш мора да биде дел од поширок пакет. Не бараме „сребрен куршум“, бидејќи нема таков. Тоа е она што Конзервативците го направија со Руанда и не успеа. Се обидуваме со многу работи одеднаш бидејќи така се решава толку голем и сложен проблем“, пишува Тајмс и додава дека Германија и Данска се меѓу другите европски земји кои ја истражуваат идејата за формирање центри за враќање, а агенцијата за бегалци на ОН изјави дека ќе ги поддржи сè додека ги почитуваат стандардите за човекови права.
Британските медиуми споделуваат податок дека повеќе од 10.000 мигранти патувале низ Западен Балкан досега оваа година, а министрите од британската влада веруваат дека инвестирањето во инфраструктурата на регионот ќе ги охрабри мигрантите да останат во регионот, наместо да патуваат и да се обидуваат да го преминат Ламанш во мали чамци.
Албанија директно одби прифаќање на депортирани бегалци од Британија, Косово потврди ограничени капацитети, додека Босна и Херцеговина го отфрли предлогот од Велика Британија бидејќи е „некомпатибилно со националните интереси“, како изјавил член на босанското претседателство за „Тајмс“.
