Поднесено обвинение за мотоциклистот кој усмрти пешак на кејот и избега

Црна хроникаПоднесено обвинение за мотоциклистот кој усмрти пешак на кејот и избегаОбјавено пред 27 минути – 30 јули, 2025Од С В

Обвинителството поднесе обвинение против мотоциклистот кој на 1 јули усмрти пешак на кејот на Вардар, на пешачка зона, и избега.

Тој ќе одговара за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и занеукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

На 1 јули годинава, во вечерните часови, обвинетиот управувал мотор „Кавасаки“ по пешачка патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, наменета исклучиво за движење на пешаци.

Моторот го управувал без воопшто да поседува возачка дозвола и спротивно на сообраќајните прописи, без да ја прилагоди брзината на движење. Имено, иако брзината на движење на моторот била 35 километри на час, што е помала од максимално дозволената на пат во населено место, сепак на наведената локација таа била поголема од безбедна брзина, имајќи предвид дека станува збор за пешачка патека на која моторот можел единствено да го турка, а не и да го вози.

Затоа не успеал навреме да запре и удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, роден 1957 година. При ударот, пешакот и сопатникот на моторот се здобиле со телесни повреди, а обвинетиот го оставил моторот и без да им укаже помош избегал од местото на несреќата.

Повредениот пешак со тешки телесни повреди бил пренесен на Ургентниот центар во Скопје каде починал, додека сопатникот на моторот се здобил со телесни повреди.

Јавниот обвинител, со поднесеното обвинение, до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e