На денешното рочиште во Кривичниот суд се закажани завршните зборови за „Тврдина 2“, воведни зборови за предметот „Транспортер“, а од утре почнува и судењето за предметот „Труст“
СЈО очекува осудителна пресуда
Предметот „Тврдина 2“ се однесува фалсификување службена исправа и уништување на службена документација поврзана со незаконското прислушување преку опремата на УБК. СЈО го товари првообвинетиот Грујевски дека незаконито формирал комисија за уништување на службена документација, и дека заедно со шест членови на комисијата уништиле над 2.000 службени списи, меѓу кои и списи кои се однесуваат за системите за следење на комуникациите, како и класифицирани документи. Обвинетите, без никаква процедура ги запалиле документите на локација која им била посочена од првообвинетиот – на триесетина километри од центарот на Скопје, во база на МВР наречена „Брест“. Местото каде што се палеле службените документи се наоѓало после селата Петровец и Ржаничино. Сведоците пред судот рекле дека подигнале црни ќеси со документи од МВР и дека ги запалиле во базата. Дел од обвинетите тврделе дека не знаеле оти се уништуваат важни документи, а една од службеничките посочила дека потпишала записник (за уништувањето на документите), но без да ја знае неговата содржина.
На последното рочиште пред четири дена беа изведени докази, декласифицирани само за судскиот процес, поради што медиумите беа исклучени од тој дел од расправата, која траеше околу час и половина. По завршувањето на рочиштето, обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, изјави оти е уверена дека судот ќе донесе осудителна пресуда за „Тврдина 2“.
„Целосно сме убедени дека судот ќе донесе осудителна пресуда, бидејќи има уверливи докази за тоа“, изјави Ристоска.
Претходно, судијката Петровска го отфрли барањето на Љупчо Шврговски, адвокат на Грујевски, судењето да се одложи на неопределено време, додека не се заврши неговата екстрадиција од Грција во Македонија. Повикувајќи се на Законот за кривична постапка, Шврговски посочи дека доколку му се суди во отсуство, ќе му биде повредено правото на одбрана. Обвинителите на СЈО ги отфрлија ваквите аргументи како неосновани, со став дека судењето во отсуство на Грујевски не му го ускратува правото да бара повторување на постапката.
Подготвено барањето за екстрадиција
Ексначалникот на Петтата управа, Горан Грујевски, е еден од обвинетите и во споениот предмет „Таргет и тврдина“, кој се однесува на скандалот што ја предизвика политичката криза во Македонија: незаконското следење на комуникациите на над 20.000 граѓани, како и за уништување на дел од опремата со која било сторено кривичното дело. Надлежните очекуваат брзо да се реализира процесот за неговата, и екстрадицијата на Бошковски, откако Министерството за правда ќе го испрати во Грција документираното барање за нивна испорака. Кривичниот суд минатата недела ги доставил потребните документи за екстрадиција до македонското Министерство за правда, а во кои СЈО ги навело сите обвиненија за кои се гонат Грујевски и Бошковски, како и предистражните постапки. Тоа во петокот (3.11) го потврди министерот за правда, Билен Саљији.
„Судот веќе ги достави потребните информации и деновиве ќе биде потпишано и официјално барањето за екстрадиција на двете осомничени лица“, изјави министерот за правда.
Извор: Дојче веле