Почна пријавувањето за сместување во студентските домови

Од денес до 31 јули 2025 трае електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ земјава за студентите од втора и повисоките години, како и за апсолвентите. Студентите од прва година ќе може да аплицираат од 10 до 17 септември, по завршувањето на уписите на факултетите во август.

Пријавувањето се врши преку интернет-порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде што студентите можат да конкурираат само за еден дом. Доколку останат слободни места по објавата на конечните списоци, пријавувањето ќе продолжи до 30 ноември.

Министерството за образование и наука (МОН) објави дека за академската 2025/2026 година има вкупно 4.264 слободни места во домовите во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од нив, 851 место се резервирани за бруцоши, а 3.413 за повисоки години. Домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје остануваат затворени поради реновирање до вториот семестар.

Најмногу капацитет има „Гоце Делчев“ во Скопје (1.212 легла), потоа „Пелагонија“ (997) и „Томе Стефановски Сениќ“ (335). Во Битола, Охрид и Прилеп слободни се 385, 242 и 330 легла соодветно, додека во Штип и Тетово се нудат државни и приватни опции.

Конечните списоци за студентите од втора и повисоките години ќе бидат објавени најдоцна до 6 септември, а за бруцошите до 30 септември. Примените студенти ќе треба да се вселат најдоцна 10 дена по објавата на конечниот список. Право на приговор имаат во рок од 10 дена по објавувањето на резултатите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e