Слушам, многумина се вознемириле од мојата изјава дека „секој со чашка ракија во себе, собран пред некој штаб каде што се пеат патриотски песни, има впечаток дека ја брани Македонија, од незнам кого“. И треба да се вознемират, освен ако не сакаат и натаму да живеат како ноеви, со празни глави турнати во песок.
Завчера, излегувајќи од такси, налетав на човек паднат на тротоарот. Врзан со црвено-жолто шалче, до него паднато капче со логото на ВМРО-ДПМНЕ, а тој свртен со лицето кон асфалтот. Неколку метри подалеку од него, четири-пет испијанети момчиња се обидуваа некако да се одржат на нозе, пеејќи ја „Земјо македонска“. Потрчав веднаш до таксито, кое уште не беше тргнало, за да го замолам возачот да помогне човекот да го внесеме во возилото и да го однесеме во болница. Не знаевме што му е.
При таа „операција“, тој малку се подосвести и единствено што успеа да го промрмори е „дека испил малку повеќе, но дека ја одбранил Македонија и сега сака да оди дома“. Во таа состојба ниту можеше да се сети на адресата, а камоли на името на таковината, но барем успеа да ја извлече од џебот личната карта за да прочитаме. Момче на 24 години.
Неговото семејство срдечно се заблагодари за помошта, не покани на кафе, кое радо ќе го прифатевме ако поради оваа случка не доцнев на закажано интервју, а и таксистот имаше свои обврски. На испраќање, мајката на момчето со солзи во очите се пожали дека „ваква е состојбата речиси секој втор ден“, откако тој и многу негови другари заглавиле во долгови со обложувалници: „Го бараат спасот во чашката, а знаат дека не е таму. Од партија, наводно, ветиле дека ќе му помогнат, па сега оди кај што ќе го викнат. Ох-леле.., како ќе ја одбраниме Македонија, кога ни децава не можеме да си ги одбраниме од модерниве пороци. Вие новинарите треба почесто да пишувате за овој проблем…“
Ако ова момче било алкохолизирано, дали неговото и однесувањето на другите минувачи треба да го сметам за трезно и трезвено? Каде е човечноста, каде е помошта? Каде е крикот против пороците, против разни хазардни игри, против влегувањето на младите во должничко ропство, во тој концентричен круг на сиромаштијата, овозможен преку преродбенички дозволи за никнување на стотици обложувалници во кои секој ден млади (и не само млади) си ја заложуваат и заглавуваат иднината?
Нема одговор на овие прашања. И кога нема одговор – најлесно е да се плука. И по социјални мрежи и некому во лице. Веројатно, така е полесно да се осмисли одбраната на Македонија.
Резултат од тоа? „Пукај, бе брат! И плукај“. Ова е реченицата што деновиве се почесто ја слушам, како завршна порака во разговор меѓу довчерашни пријатели, а сега поделени со непремостливи разлики за „македонцките работи“. Кога нема решенија за клучните егзистенцијални, социјални и ред други општествени проблеми, најлесно е да се сврти приказната во друга насока: одбрана од внатрешниот и надворешен непријател. Во мала земја каде секој трет ти е братучед, тоа е една тотално погубна и трагична антитеза, бидејќи, ако некој ти е брат, не би те ни плукал, ни пукал.
Целата колумна на Катерина Блажевска за Призма на следниот линк.