Секој од нас кога е избран на која било јавна функција презема одговорност да го застапува интересот на државата и на граѓаните.
Сите ние, без оглед на тоа дали сме дел од опозицијата или власта, имаме одговорност и должност да поставуваме прашања, но и да даваме одговори, точни и прецизни. Во никој случај и за ничии интереси, а најмалку за лични и теснопартиски, на граѓаните не смее да им се соопштуваат нецелосни, конфузни и недоречени информации. Тоа е неодговорност, истакна Славјанка Петровска пратеничка од редовите на СДСМ.
dobivaj vesti na viber
Нагласи дека пратеничката група на СДСМ бара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност, што власта сака да го претстави како наводен скандал.
„Докази нема, детали нема, само штуро соопштение и бледи изјави, кои упатуваат на скриените мотиви на власта, а тоа е овој случај да го злоупотребат и да го претворат во манипулација.
Декласификацијата е чекор кон обелоденување на вистината, а не манипулацијата. Декласификацијата ќе ги даде одговорите на сите прашања што изминативе денови се поставуваат, а власта избегнува да ги одговори криејќи се зад класифицираните документи.
А за декласификација не е потребна судска одлука или насока, како што излажаа од АНБ. Законот за класифицираните информации вели дека „тој што класифицира, тој и декласифицира“. Или попрецизно член член 14: „Промената на степенот на класификацијата го врши создавачот“.
Според неа, има уште еден аргумент дека АНБ веднаш, без одлагање, може да изврши декласификација, а тоа е членот 20, во кој, како што рече, стои: „Информацијата која е одредена со степен на класификација нема да се смета за класифицирана информација ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка“.
„Значи, ако се земат предвид сите претходни изјави од власта за наводна злоупотреба и незаконско работење, овој член овозможува итна декласификација, без изговори и одолжувања.
Втор чекор кон вистината е итно свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ. Ние пратениците, кои сме членови на Комисијата, мора да спроведеме надзор во работата на АНБ и да извршиме увид во документацијата што ќе биде декласифицирана за да може потоа да ја известиме јавноста за наодите и сознанијата од надзорот.
Со декласификацијата се надминува и пречката за свикување на седницата, а тоа е поради немање безбедносен сертификат на претседателот.
Со ваков прагматичен пристап многу бргу ќе се одговорат сите прашања и ќе се растера маглата што ДПМНЕ ја пушта надевајќи се дека на овој начин да се заборават досегашните скандали и ова ќе им биде изговор за спојувањето на АНБ и АР“.
За Петровска, досегашниот однос на власта во институциите од безбедносно-разузнавачкиот сектор докажува дека оваа власт нема капацитет за сериозен чекор, каков што е спојувањето, затоа што, според неа, овој чекор не е механичка операција, туку сеопфатна и сложена интелектуална реформа, која доколку не се спроведе во согласност со државните интереси и околности, ќе предизвика несогледливи последици за државата.
„АНБ е столб на националната безбедност. Таа е клучна институција за заштита на државата, граѓаните и уставниот поредок и не смее да се дозволи нејзина окупација и злоупотреба бидејќи тоа е ризик и закана за безбедноста на земјата и рушење на столбовите на државноста“.