Петровска: Во 2023 година, одвојуваме 274 милиони евра за одбраната

Пред воениот врв се презентираа реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2022 година, како и клучните задачи за следната 2023 година, при што се опфатија областите: персонален менаџмент и морал, операции во земјата и странство, обука и вежби, логистичка поддршка, воено планирање и структура на сили, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воена соработка.

За време на брифингот беше истакнато дека Армијата на Република Северна Македонија во тековната година успешно ги реализираше сите предвидени задачи и борбената готовност е на потребното ниво. Подготвеноста на командите и единиците на Армијата се одликуваше со навремена реализација на активностите со планираната динамика во процесот на трансформацијата и спроведување на планот за модернизација, изведување на обуката според актуелните безбедносни предизвици и стандардите на НАТО, како и зголемување на учеството во операциите во странство.

Министерката Славјанка Петровска во својот осврт во рамки на брифингот, истакна дека развојот на одбраната јасно се гледа преку зголемувањето на одбранбениот буџет во последните неколку години. „Со задоволство можам да кажам дека предвидената стапка на раст ја задржуваме и за 2023 година, кога ќе одвоиме 274 милиони за обраната, што е 1,85% од БДП. Цврсто сме одлучни да го достигнеме 2% од БДП во 2024 година, не заради Алијансата, туку за нашата Армија, нашите припадници, нивната опрема и нивниот стандард. Дополнително, драго ми е од буџетот за 2023 година, 33% се алоцирани за модернизација и опремување, што го менува ликот на Армијата во целост. Нашата Армија е НАТО Армија и затоа не отстапуваме од тоа секојдневно да го менуваме ликот на нашиот припадник, кој мора да има нова и модерна опрема и висок стандард.

Сите овие преземени чекори се во насока на зголемување на борбената готовност на Армијата, кое гарантира мирна, безбедна и стабилна држава и цврста колективна одбрана во НАТО Алијансата“, истакна министерката Петровска.

На брифингот, претседателот Пендаровски истакна дека и во 2022 година припадниците на Армијата ја докажаа својата професионалност, посветеност и подготвеност. Во годината кога ја одбележавме 30- годишнината од нејзиното формирање, рече претседателот Пендаровски, Армијата уште еднаш ја оправда високата доверба што ја има кај македонските граѓани. Дополнително, посочи претседателот Пендаровски реализирацијата на обемната воена вежба „Брз одговор 22“ на воениот полигон „Криволак“ го демонстрираше капацитетот на Армијата да даде придонес кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на НАТО, во време на предизвици по руската агресија на Украина .

Претседателот Пендаровски ги реафирмираше неговите заложби за натамошно инвестирање во модернизирањето и опремувањето на Армијата и достигнување на зацртаната цел – 2% од БДП да се одвојува за одбраната.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e