Петровска: Со континуиран дијалогот до уште поголеми успеси

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска во Х. „Десарет”, Охрид со свое обраќање ги отвори третите по ред Синдикални спортски игри за вработените во Армијата и Министерството за одбрана во организација на Независниот синдикат на одбраната.

Министерката Петровска во своето обраќање ги поздрави присутните воени и цивилни лица членови на синдикатот и останатите присутни гости при што истакна дека синдикалните спортски игри се значаен елемент во зајакнување на тимскиот дух, солидарноста и сплотеното работење за постигнување на заедничка цел и додаде дека спортот отсекогаш имал улога во подигнување на социјалната вклученост, фер плејот, дисциплината и лидерството. Таа потенцира дека благодарение на „тимската игра” Министерството за одбрана заедно со Генералштабот и со претставниците на синдикатите во изминативе четири месеци покажаа и изготвија предлог измени на Законот за служба во Армијата на Република на Северна Македонија што без никакви забелешки беше усвоен од Владата.

„Предлог измените на Законот се доставени до Собранието, а вчера на пратеничките прашања упатив порака до сите политички партии и ја истакнав важноста дека овој предлог потребно е да се прифати без било какви политички калкулации. Внесените измени не се ниту големи барања, ниту е нешто неочекувано, туку е нешто што е потребно за подобрување на стандардот и вашите услови за работа”, рече министерката Петровска.

Таа посочи дека во изминатиот период вработените во Армијата и Министерството за одбрана покажаа професионалност и подготвеност да се справат со предизвиците во сите тешки моменти и додаде дека во справувањата во сите натамошни предизвици таа е нивниот најголем сојузник.

„Како министерка за одбрана ви ветувам и ве уверувам дека дијалогот со вас ќе продолжи, затоа што тоа е единствениот пат како успесите ќе ни бидат побројни и ќе бидеме се подобри и подобри”, рече Петровска.

Претседателот на Независниот синдикат на одбраната, Ванчо Исајов упати благодарност до министерката Петровска за поддршката и посочи дека во изминатиот период интензивно се работеше на измените на Законот и очекува наскоро овие законски измени да бидат донесени.

На денешното отворање се обрати и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски кој рече дека овој синдикат е вистински борец за работничките права и им посака убави и весели спортски игри .

На третите по ред синдикални игри чија цел е јакнење на тимскиот дух преку спортот учестуваат околу 300 натпреварувачи од Армијата и од министерството – членови на Независниот синдикат и гости од земјава и од Синдикатот на војската на Црна Гора. Учесниците на спортските синдикални игри ќе се натпреваруваат во повеќе спортски дисциплини: мал фудбал, кошарка, одбојка, шах, пикадо, влечење јаже и др.

Со усвојување на предлог измените на Законот за служба на Армијата од страна на Собранието, ќе се изврши усогласување со минималната плата, што значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, потоа припадниците на Армијата правото на остварување на пензија ќе може да го остварат со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жени без оглед на возраста, дополнително за сите припадници кои правото на пензија го стекнале од денот на формирање на Армијата, ќе биде извршена промена на решенијата за пензија со што ќе им биде направена нова пресметка врз основ на висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж , а во однос на отпремнината како можност за професионалните војници истата да биде две просечни плати но не помалку од 1000 евра за секоја помината година на служба во армиските редови со дополнителна можност правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e