Во новиот број на неделникот Фокус:
ЗА НЕШТАТА ДА СТАНАТ ПОЈАСНИ
Власт што сака искрено да се бори против корупцијата треба да ги заострува законите а не да ги користи како изговор, да ги обесхрабрува членовите на своите семејства да конкурираат за какви било државни бенефиции, а не да ги вдомува, да ги алиментира нивните бизниси и отворено да ги кешира!
ВОСКРЕСНУВА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА
Актуелната власт, под надзор на ЕК, изготви нов закон со кој треба да се создаде моќна Комисија за спречување на корупцијата. Хартијата ветува, но прашање е дали конечно ќе се изберат вистинските борци против криминалот. Досега немаше резултати бидејќи наместо правници, против криминалот се „бореа“ туристички водачи!
СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ: ЛУЃЕТО ЗАБОРАВААТ ДЕКА НАТО НИ ЈА СПАСИ ДРЖАВАТА ВО 2001
Стево Пендаровски е потенцијален кандидат за консензуален претседател на владеачката коалиција. Во разговор за „Фокус“ тој ги анализира политичките состојби во Македонија и во регионот, зборува за пречките за нашето зачленување во НАТО и ги коментира шансите на владеачката коалиција за победа на претстојните претседателски избори
НЕМИНОВНО Е ЗАМИНУВАЊЕТО НА ИВАНОВ
Сѐ уште претседателот се обрати во Собранието. Тоа беше годишно обраќање, наречено „Два мандата отидоа џабе“! Зборовите му изгубија секакво значење. Иванов, од „Еден претседател за сите“ најдолго беше „Еден претседател за Груевски“. Од кога му го нема „Пастирот“, а го има Заев, тој сега е само „Еден претседател за Хорхе“.
ЕПИДЕМИЈА ОД НЕОДГОВОРНОСТ
Министерството за здравство конечно набави поливалентни вакцини, но тоа не ја намали недовербата на граѓаните во здравствениот систем. Експресно се прогласи епидемија на морбили во Скопје со само 15 случаи, но повторно пукна нов скандал откако вонредниот инспекциски надзор утврди дека увозникот залепил стари декларации на дел од вакцините МРП
БИСЕРИ ПРЕД СВИЊИ
Ако е вистина изреката дека врана на врана очите не ѝ ги вади, вистинита е и изреката дека свиња на свиња маста не ѝ ја вади. Од политичките свињи народот ништо не треба да очекува. Затоа пред нив не треба да ги фрла бисерите, т.е. своите гласови
Колумнисти:
Денко МАЛЕСКИ
Како и демократијата, и правната држава не може само да се прогласи, таа мора да се изгради. Како и сѐ што е вредно во овој наш човечки живот, патот до неа е долг и напорен: нѐ чека многу работа во 2019, ако сме спремни да посегаме по идеалот
Сашо ТАСЕВСКИ
Читањето софистицирани четива, уметност, музика, наука, нужно не те прави подобар човек, но ти пружа некоја шанса да станеш баш таков, да се одметнеш во оние добрите. Турбофолкот ти ја одзема и последната шанса за тоа. Дури и да не си злобен, те прави глупав и подложен на секакви манипулации. Стануваш празен. Нечиј корисен идиот
Стојан АНДОВ
На последниот конгрес на ЦК СКЈ, Гошев изигра историска улога, придружувајќи се на делегациите на ЦК СК на Словенија и Хрватска, кои заедно го напуштија конгресот. Тој гест на Гошев беше храбар и мудар бидејќи Македонија ја ориентираше кон северозападните републики што беа многу блиски до Европа
Ристе ЉУБОТЕНСКИ
По којзнае кој пат, голем дел од граѓаните се чувствуваат политички измамени и изманипулирани. За нив политиката и понатаму остана „курва“, која не се води од никакви морални и пошироки општествени принципи, туку исклучиво и само од сопствените интереси за пари и власт
Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Држава во која мораше криминалци и терористи со амнестија и неизживеани националисти со гнили компромиси зорле да се трансформираат во псевдовизионери и квазиевропејци е терсене држава. А тие убаво им го сместија на сите. Можеби сѐ можеше да биде поинаку?