Претседателот Стево Пендаровски по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Северна Македонија.
Дозволете во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Северна Македонија најсрдечно да ви го честитам националниот ден на Србите во Република Северна Македонија – Свети Сава и да ви посакам празникот да го поминете пред сѐ во добро здравје, исполнети со радост и со среќа, посочи Пендаровски.
„Денот на првиот српски архиепископ, просветител и духовник — Свети Сава, 27 јануари, е повеќе од национален ден на српската заедница во Република Северна Македонија. Тоа несомнено е еден од најзначајните духовни и национални празници на српскиот народ. Токму преку своите традиции, обичаи и богатото духовно и културно наследство, Србите, како неизоставен дел од мултиетничка Република Северна Македонија, ја збогатуваат нашата култура и оставаат печат во општественото живеење“, истакна Пендаровски.