Пендаровски: Одбележувањето на Гоце Делчев со соседите е чин на добра волја за намалување на тензиите

Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност, без оглед дали постои или не формална одлука за заедничко одбележување на личноста и делото на Гоце Делчев. Во услови кога комисијата се уште нема дојдено до заедничка формулација на ова е чин на добра волја од двете страни кој ќе помогне за намалување на тензиите кои уследија по бугарското вето, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски.

– Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија. Меѓутоа, не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои, тоа ви е вам добро познато, Историската комисија, сме имале заеднички чествувања на одредени настани, на одредени ликови. И без да има одлука на Историската комисија сме правеле и во Република Бугарија и во Северна Македонија заедничко чествување на различни паметници. Така што не гледам проблем. Не гледам проблем во тоа да некој од нашите соседи искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност. Не, не гледам проблем во тоа, рече Пендаровски на новинарско прашање како гледа на тоа што македонска и бугарска делегација ќе положат цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.

Во однос на забелешките на копретседавачот на македонскиот тим од Историската комисија дека не би требало вака да се одбележува Гоце Делчев, кој е една од спорните теми во работата на оваа комисија, Пендаровски смета дека нема проблем во чествувањето на Делчев на овој начин во услови кога комисијата се уште нема дојдено до заедничка формулација на и на тоа гледа како на чин на добра волја од двете страни што ќе помогне за намалување на тензиите кои уследија по бугарското вето на нашата евроинтеграција.

–Нема да пречи. Нема да пречи зошто тие разговараат во Комисијата околу година и пол за Гоце Делчев за заемно прифатлива формулација. Досега нема најдено заедничка прифатлива формулација, меѓутоа не гледам проблем да се чествува во меѓувреме. Ниту политичарите ќе прејудицираат решение на Историската комисија, ниту ова може да се третира како некаков вид на притисок – ајде побрзо најдете заедничка солуција или формулација. Мислам дека е чин на добра волја од двете страни да ги олабавиме малку тензиите кои за жал во последнава година дена се прилично високи во таа билатерала од познати причини, поради бугарската блокада и ова го гледам само во таа насока, не како чин кој ќе ја вжешти атмосферата и ќе ни одмогне да најдеме заедничка солуција, туку ќе ни помогне, вели Пендаровски пред да ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)”, што ја организира Државниот архив на Северна Македонија, под негово покровителство во Музејот на македонската борба.

Одлуката Бугарите да се вметнат во македонскиот Устав, нагласи тој, ќе биде автономна самостојна одлука на македонските институции.

– Мешање е секое барање кое доаѓа од надвор за поредок на нашиот правен и политички систем. Мешање е во принцип мешање. Меѓутоа, паметите, ние ставивме делови од народи во нашиот Устав тргнувајќи од Рамковниот договор. Никој во тоа време не не тераше од надвор да ги ставиме Власите, Србите, Бошњаците, Турците. Самите решивме дека е тоа добро за поголема кохезија во македонското општество. Така и сега, ако ние тука јас и тие што ќе бидат во тоа време на власт, на некоја позиција да одлучуваат ако ние решиме дека е тоа подобро не само Бугарите, Црногорци, Хрвати итн., за зголемување на кохезијата, меѓусебната разбирачка, живееме во иста држава, тие се наши граѓани, Бугарите во Северна Македонија се и наши граѓани. И се и моја надлежност. Ако ние решиме дека е добро да ги ставиме во Уставот ќе ги ставиме во Уставот ама тоа ќе биде автономна самостојна одлука на македонските институции, дециден е Пендаровски.

Во појаснување на неговиот коментар за изјавите на Петков, тој нагласи дека средбата со делегацијата на ОМО Илинден Пирин воопшто не оди против Договорот за добрососедство од 2017 година.

– Јас имам спротивен став и сега што правиме. Јас тврдам дека мојата средба, не содржината на средбата, мојата сама средба со таа организација со ОМО Илинден Пирин воопшто не оди контра договорот од 2017 и воопшто не станува збор за сили кои не сакаат добрососедство. Сега дали имаат еднаква тежина мојата и неговата изјава? Еве, претпоставувам дека имаат. Јас тврдам дека тоа не е точно, подвлече Пандаровски.

По однос на најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесе посебна декларација за Делчев, тој смета дека нема потреба за посебна собраниска декларација и оти доволна е во таа насока Декларацијата која сите партии ја поддржаа во Парламентот за нашите црвени линии и, вели, кога зборувате во таа Декларација за црвените линии и во однос на она што ни е клучно – идентитетот тоа го опфаќа и Гоце Делчев.

Запрашан во однос на свирежите со кои беше пречекан од група граѓани собрани пред црквата Свети Спас каде е гробот на Делчев, шефот на државата нагласи дека тоа е нормално во едно демократска држава граѓаните слободно да изразуваат незадоволство.

– Реакцијата е логична, нормална во една демократија да ги затвораме луѓето затоа што изразуваат незадоволство или задоволство од кој било наш потег. За тоа се боревме да живееме во демократска држава, не во држава во која изречен збор или став во кој било медиум или на отворено. Тамам работа. Ние сме тука, ние сме платени да трпиме секаква критика и невтемелена и втемелена од нашите граѓани и мене ми е драго што има и такви реакции меѓу другите, вели Пендаровски.

Претседателот Пендаровски е покровител на изложбата организирана од Државниот архив со документи, и кореспонденција на Делчев и на неговите најблиски соработници која досега македонската јавност немала прилика да ја види. Изложбата е само дел од повеќето настани на различни локации во текот на денот со кои се одбележува овој значаен ден.

– Не би трошел зборови за тоа кој бил Гоце Делчев, сите знаеме, учиме од најмала возраст во нашите училишта и мислам дека е ред на ваков начин да го одбележиме овој ден, вели шефот на државата Пендаровски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e