Европските интеграции не можат да бидат цел и приоритет на само една политичка гарнитура. Тоа е национален проект што сите релевантни политички партии го поддржуваат од почетокот на македонската независност до денешен ден, порачал претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната панел-дебата: „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!”.
Пендаровски упати апел до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за непречено одвивање на европскиот пат.
-Прифаќајќи го францускиот предлог, ја надминавме бугарската блокада. Во овој момент, не можеме да ја исклучиме можноста од евентуални идни провокации на политички субјекти со анахрони погледи, како и непринципиелни и во суштина неевропски барања што ќе задираат во нашите идентитетски одредници. За продолжување на преговорите ќе биде неопходен државен консензус и за уставните измени, кој ќе треба да го направиме повторно во име на европската иднина. Меѓутоа, во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање, а, тој процес да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација, кажал меѓу другото Пендаровски.
Претседателот е длабоко убеден дека преговорите за членство во Унијата ќе бидат стабилизирачки фактор не само за нашата држава, туку и позитивен сигнал за целиот регион.
-Сведоци сме дека најотпорни на негативните последици од кризите од најразличен тип, се токму државите со развиена демократија, силни економии и транспарентни институции. Во исто време, реалната европска перспектива е најдобниот начин за градење отпорност кон авторитарните лидери и погубните геополитички алтернативи, истакнал Пендаровски.