Ќе бидам претседател на сите граѓани, и на оние кои гласаа за мене, и на оние кои гласаа за моите противкандидати, како и на оние кои не излегоа на гласање, рече претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање по повод неговата инаугурација во Собранието. Притоа, тој најави дека првата работа што ќе ја направи е, како што рече, да подаде рака за соработка кон опозицијата.
-Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг – потенцира Пендаровски.