Пекевски: 950 евра минимална во Словенија, а храната поевтина од Македонија

Зголемувањето на минималната плата мора внимателно да се анализира, бидејќи во моментов недостига јасна проценка за економските последици, оцени аналитичарот Синиша Пекевски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според него, инфлацијата во Македонија во голема мера е „вештачка“, а институциите треба сериозно да ги испитаат причините за високите цени, особено во услови кога одредени сектори, како банкарството и трговските синџири, бележат високи профити.

Пекевски смета дека наместо едноставно зголемување на минималната плата, потребно е да се воведе пофлексибилен модел, поврзан со продуктивноста. Тој предлага да се разгледа систем на плаќање по час, како што е пракса во развиените земји.

Во својата анализа направи споредба со Словенија, каде минималната плата изнесува околу 950 евра, но цените на многу производи се пониски отколку во Македонија. И покрај повисоките трошоци за живот, како што се кириите, храната и облеката таму често се подостапни.

„Не можам да најдам логика зошто кај нас цените се толку високи, освен дека одредени економски оператори имаат екстремно високи маржи и остваруваат енормни профити“, истакна Пекевски.

Тој додаде дека државата треба да размисли за дополнителни мерки, вклучително и повисоко оданочување на одредени компании, особено трговските ланци, со цел да се намали притисокот врз граѓаните и да се заштити животниот стандард.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e