Палевски и соработниците бараат поништување на доживотниот затвор

Случајот со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски влегува во нова фаза откако првостепено осудените поднесоа жалби до Апелациониот суд во Скопје. Љупчо Палевски–Палчо и неговите тројца соработници, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Велибор Манев, бараат поништување на пресудите со кои беа осудени на најтешката казна – доживотен затвор.

Во жалбите доставени до повисокиот суд, одбраната бара предметот да се врати на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје. Според изјавата на судијата-известител Ѓоко Ристов, предметот во моментов е доставен до Вишото јавно обвинителство во Скопје за давање на стручно мислење.

Јавната расправа пред скопска Апелација ќе биде закажана веднаш штом обвинителството ќе го врати предметот со своето мислење. Потсетуваме дека во првостепената постапка, додека четворицата извршители добија доживотен затвор, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, беше целосно ослободен од обвиненијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e