Жив сум, здрав и одлично се чувствувам, вели за весникот ВЕЧЕР, Перица Давитков, првиот Македонец кој ја прими вакцината против ковид-19. Давитков живее во Америка, во Кливленд, и вакцината на Фајзер ја прими пред пет дена кога и почна вакцинацијата во САД против смртоносниот вирус, објави Вечер.
Овој наш Македонец е од Куманово, а пред десет години заминал од Македонија на постдокторски студии во Cleveland case western reserve University, а потоа на специјализација и супспецијализација во истата болница. Сега е директор на Одделот за хепатологија во воената болница, заменик-шеф на катедрата на гастро и асистент професор на Универзитетот каде се спроведуваа дел од истражувањата на „Фајзер“, поточно на еден од 120-те универзитети на кои се работеа научни испитувања за вакцината.
Во разговор за весникот вели дека многу не се двоумел да ја прими вакцината, пред сè поради своја лична заштита и заштита на семејството, како и на пациентите со кои работи секојдневно.