Обвинителство за гонење на организиран криминал отвори постапка по допрен глас за случајот со фирмите кои во Управата за јавни приходи беа изземени од присилна наплата на данок. Обвинителството се сомнева дека има злоупотреба на службената положба и овластување кај двајца вработени во УЈП кои две години не ги ставале во системот за присилна наплата 37 компании од Скопје.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамките на своите надлежности веќе оформи предмет со кој ќе се истражува постоење на евентуална кривична одговорност.По спроведената истрага во рамките на УЈП и самата институција доколку утврди постоење на елементи на кривични дела е должна да го извести јавното обвинителство и да поднесе соодветна кривична пријава по која истото ќе постапува, велат од обвинителството“, велат од ОЈО.
УЈП засега не открива детали за истрагата. Очекува случајот да има некаква завршница за околу еден месец. Против вработените се води дисциплинска постапка, а текот на истрагата ќе покаже дали ќе се превземат и други мерки. Според законот, вработените кои им помогнале на 37 фирми да бидат изземени од листата за присилна наплата на данок, се соочуваат и со отказ од работа, но и кривично гонење.
„Управата за јавни приходи на конференција за медиуми ги презентираше сите податоци кои во овој момент може да се споделат со јавноста, вклучувајќи го и статусот на постапките, можни процесни дејствија и понатамошни постапки“, велат од УЈП.
Поголем дел од компаниите кои биле изземени од системот за присилна наплата се на листата на должници што ја објавува УЈП. Таму се илјадници државни и приватни фирми и дел од општините. Некои од нив не плаќале данок на добивка, други ддв. На листата покрај државните загубари, телевизиите Алфа и тв Нова е и фирмата Тотал на уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас. Оваа фирма е опфатена во истрага на СЈО, а на листат должници фигурира со долг од 23 000 евра.