Неолибералната економска политика на Владата на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ претставува директна закана за домашното производство на храна и за опстанокот на македонскиот земјоделец, реагираат од политичката партија Левица.
– Официјалните податоци од Државниот завод за статистика го потврдуваат најлошото – во првото тромесечје од 2025 година, откупот и продажбата на земјоделски производи достигнале вредност од само 5,7 милијарди денари, во споредба со 9,9 милијарди денари во истиот период лани, што претставува АЛАРМАНТЕН пад од речиси 45%!
Особено загрижува фактот што овој пад се однесува на откупот од индивидуалните земјоделци – луѓето кои живеат од сопствениот труд. Владата очигледно ги гуши токму нив, туркајќи ги кон сиромаштија, пропаст и иселување, додека ги отвора вратите за увозни лобија и странски корпорации.
Оваа капиталистичка стратегија е насочена кон целосно потчинување на земјоделството на интересите на големиот капитал и увозничките олигархии. Македонскиот земјоделец станува колатерална штета на пазарниот фундаментализам.
Министерот за земјоделие, Цветан ТРИПУНОВСКИ, мора веднаш да понесе одговорност, а доколку е неспособен да испорача базични услови за успешно земјоделство – треба да си поднесе оставка! Потребна е темелна промена на земјоделската политика – политика која ќе го врати достоинството на земјоделецот, ќе го заштити домашното производство, ќе обезбеди поддршка и унапредување на истото, а со тоа и прехранбен суверенитет за македонскиот народ. – соопштија од партијата.