На средбата со Штефан Холтхоф-Пфорнер, кој е министер за сојузни, европски и меѓународни прашања во Владата на Северна Рајна Вестфалија, вицепремиерот Османи заклучи дека во Македонија продолжуваат реформите, со цел полноправно членство на државата во Европскара унија.
Тој нагласува дека Владата во Македонија продолжува со спроведувањето на европските правила и стандарди, благодарение на кои државата ќе ги отпочне преговорите за членство.
– Одличните билатерални односи меѓу нашите земји се очигледни на повеќе нивоа, иако најактуелна во изминатиов период беше поддршката за нашите европски интеграции, особено гласната поддршка за време на октомврискиот самит, па слободно можам да кажам дека во Германија гледаме партнер во целокупниот евроинтегративен процес, истакна Османи на средбата, посочувајќи дека напорите на Германија за поддршка на земјава се очигледни и преку Берлинскиот процес, кој се покажа како суштинска платформа за регионалната соработка на земјите од Западен Балкан, но не е помалку значајна и билатералната помош која Северна Македонија ја добива преку директна финансиска и техничка помош за националните институции и за реализација на регионалните иницијативи.
Како што информира Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата се разговарало за прашањата поврзани со текот на европската интеграција на земјава, како и за билатералната соработка меѓу двете земји во контекст на европската интеграција, билатералната помош и трговската размена меѓу двете земји, а биле разгледани и можностите за понатамошни иницијативи за унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Германија.