Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на состанокот со проектните партнери и претставници од министерствата за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и Вишеградската група, во рамки на проектот THINK Balkans истакна дека со овој проект ќе се зголеми регионалната соработка, најмногу во контекст на справување со предизвиците на ЕУ пристапниот процес.
Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, Османи се осврнал на непроценливото значење на улогата на тинк танк организациите во градење на демократски општества, нивната експертиза и анализа во креирање на политиките и секако нивниот суштински придонес во отворените дебати и дискусии.
-Соработката на тинк танк заедницата во регионот преку овој проект ќе ја збогати регионалната соработка, особено во контекст на справување со предизвиците на ЕУ пристапниот процес и ќе придонесе да се зајакне гласот и влијанието на регионот во ЕУ, истакнал Османи.
Тој ја потврдил отвореноста на Министерството за надворешни работи да биде партнер во овој проект што е во силна корелација со определбата за активен дијалог и соработка на Куќата со граѓанското општество.
Проектот е финансиски поддржан од Меѓународниот Вишеградски фонд и е моделиран по примерот на платформата -В4 Тинк Танк.
-Проектната единица има цел да ја зајакне соработката и да го подобри дијалогот меѓу тинк тенковите од Вишеградската група и Западен Балкан со министерствата за надворешни работи за прашања од заеднички стратешки интерес, се наведува во соопштението на МНР.