Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, вели дека државата оди и се враќа во геополитичката зона надвор од европските вредности. Во обраќање Османи вели:
„Ќе се вратиме во орбитата на српско-руското влијание, во една мрачна сфера каде што нема европски вредности, туку авторитарност и понижување. И тогаш, ниту историјата ниту нашите деца нема да ни го простат молкот“, порача тој.
Османи предупредува дека Албанците, но и државата во целина, се наоѓаат пред драматична историска ретроградност, како резултат на власта која, како што рече, го поништува концептот на државотворност на Албанците.
„Ускратено ни е и правото на јазикот. Албанскиот јазик е избришан од институциите, од официјалните документи. Затоа 19 октомври нема да биде само избори за Чаир, ќе биде одлука дали прифаќаме држава изолирана од ЕУ“, рече Османи
Осман вели дека анкетите покажувале пораз на коалицијата „Вреди“ од 3:1, но тоа не била суштината на локалните избори. „19 октомври е единствената шанса. Не за да го победиме ‘Вреди’, на анкетите веќе покажуваат резултат 3 спрема 1, туку за да не дозволиме да создадат нов ‘Вреди’. Да ја уништат идејата дека Албанците се државотворен народ. Ако не ја сопреме таа идеја во корен, ништо не сме постигнале“, рече Османи.