Османи: Документот за кој зборев е Португалскиот предлог, тој треба да биде основа за решение на спорот со Бугарија

Македонија останува на португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков кој денеска допатува во Битола.

Петков ја предводеше бугарската делегација на отворањето на клубот на културниот центар „Ванчо Михајлов“, а со Османи се сретна по настанот, во рамки на посетата на трансформаторската станица Битола 2 на АД МЕПСО,

„Сметаме дека португалскиот предлог треба да биде основа за решение“, рече Османи додавајќи дека вчерашниот коментар на бугарското МНР се однесувал на одговорите на т.н. пакет 5+1.

Според Османи, честите средби би можеле да ја подобрат динамкиката на преговорите и покрај разликите.

Петков претходно денеска изјави дека бугарската заедница во Македонија треба да биде мост меѓу двете држави и дека европската иднина на Северна Македонија е од големо значење за безбедноста на Балканот.

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова која присуствуваше на настанот беше децидна дека прво треба да се решат правата на Бугарите во Северна Македонија за земјата да стане дел од Европската Унија. Со сличен став излезе и бугарската министерка за надворешени работи Теодора Генчовска која на прашање дали до јуни Бугарија ќе го дигне ветото за Македонија, рече дека потребно е да бидат исполнети сите услови за тоа.

Таа образложи дека нејзините позиции не се разликуваат со оние на премиерот Петков, туку со неговите советници за надворешна политика.

Бугарската делегација беше дочекана со мирни протести на Широк сокак и силно полициско обезбедување.

На отворањето на културниот центар немаше претставник од македонската Влада.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e