Вицепремиерот Бујар Османи и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, се негативни на вторите тестови за ковид-19, кои им беа направени по 14 дена изолација.
„И вториот тест на КОВИД-19 е негативен, со што денес завршува мојот карантин и од утре се враќам на работа во целосна функција. Изминативе 14 дена изолација користејќи ги сите дигитални алатки, одржував редовни состаноци со штабот, со Владата, со вработените во Секретаријатот за европски прашања, при што практично сите обврските и активностите течеа непречено“, објави Османи на Фејсбук.
Преку социјалните мрежи и Адеми објави дека е негативен и апелираше да се почитуваат мерките.
„Ви благодарам на сите за поддршката, во исто време им посакувам брзо закрепнување на сите оние кои се соочуваат со овој вирус. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат правилата, да останат дома, да внимаваат на хигиената и да одржуваат меѓусебно растојание од 2 метри“, посочи министерот.