Гласниците на Груевски задолжени за неговата пропаганда и рејтинг освен што имаат усогласена уредувачка политика, интересно е што во последно време ги обединува и еден чуден маркетинг – огласувач. На насловните страници на Курир, Република, Нетпрес, Лидер, ТВ Алфа, впечатлива е рекламата на извесна фирма Рипостарт, пренесува Нова.
Ако кликнете на нивниот банер објавен на ударниот огласувачки простор на овие медиуми, интернет конекцијата ве води до онлајн продажба на разно разна бижитерија и ситни евтини апликации за декорирање на вашите домови.
Ако се обидете да ја проверите сигурноста на овој сајт (http://ripostart.com/) кој ги бара вашите пари за нивните производи, се што може да добиете како информација е некаков телефонски број со префикс 011 кој не знаете на која држава и припаѓа и една и – меил адреса. Сајтот, исто така, има опции за англиски и словенечки јазик.
Како потецијален клиент се обидов да ја контактирам фирмата. За жал во Македонија немаме никаква институционална грижа за потрошувачите па продажба врши секој, па и фирма без никакви податоци за неа. Меилот се врати, а на телефонот никој не се јавува.
Со оглед на опцијата за словенечки јазик, се заинтересирав дали постои ваква фирма во Словенија. Моите колеги од Љубљана пронајдоа фирма во словенечката престолнина, регистрирана под името “Рипост“ чиј управител е извесен Петер Шац.
Неговото име е веќе информација која открива многу работи.
Имено, Петер Шац пред точно една година кога завршија илузиите на Груевци за враќање на власт, како што забележа мојот колега Владо Апостолов на Призма, станал еден од сопствениците на ТВ Алфа.
Кој е Петер Шац?
Според информациите кои ги објави мојот колега Борут Мекина од словенечкиот неделник “Младина” , Петер Шац како сопственик на “Рипост“ е претставик на унгарскиот капитал вреден 1,9 милиони евра во три медиуми во Словенија, кои во стилот на нашите „курири“ работат во служба на десничарската партија на Јанез Јанша, инаку во нашата јавност добро познат, заедно со Унгарецот Виктор Орбан, како редок поддржувач на Груевски вон границите на Македонија.
Петер Шац како управител на “Рипост“ во словенечките медиуми ги застапува интерсите и на две други компании од Унгарија, Модерн Медиа и Ридикул, вели Борут Мекина. Според словенечка Младина, Петер Шац е само еден од оперативците на моќната групација, чиј извор на политичка и финансиска моќ е кабинетот на унгарскиот премиер. Петер Шац својата кариера ја започнува како финансиски директор во јавниот радио телевизиски сервис.
Колегата Борут, кому му раскажав дека не успеав да стапам во контакт со Петер Шац, ми го даде неговиот мобилен телефон, со напомена дека нема да добијам никаков одговор.
Целото истражување прочитајте го на следниот ЛИНК.