Советот на општина Охрид на денешната 37-ма последна седница за оваа година го изгласа буџетот за 2020 година, со вкупни приходи во износ од 1.231.170.000 денари, додека приходите само на основниот буџет се проектирани на 673.068.143 денари.
Со средствата од буџетот предвидени се реконструкција на улиците „1-ва Македонска Ударна Бригада“, „Охридска Бригада“ и „Марко Цепенков“, реконструкција на улици во населбата „Христо Узунов“, изградба на тротоари и велосипедски патеки на улицата „15–ти Корпус“, изградба на атмосферска канализација на улицата „7-ми Ноември“. Исто така превидена е изградба на нови паркинг-места, партерно уредување на плоштад „Крушевска Република“, а предвидени се и средства за првата фаза од уредување на речно корито на река „Грашница“ на потег од булевар „Туристичка“ до улица „Железничка“ и изградба и реконструкција на детски игралишта во општината.