Европската комисија (ЕК) соопшти дека ја прекинала исплатата на средства за земјоделскиот сектор на Северна Македонија, поради случај со поткуп поврзан со фондот на ЕУ за земјоделство ИПАРД 3 за земјоделците во земјата.
“ Во сегашните околности, како стандардна превентивна мерка за заштита на буџетот на Европската унија, Комисијата одлучи да го прекине рокот на плаќање за декларацијата на расходите за третиот квартал од 2025 година во рамките на програмата ИПАРД 3”, изјави портпаролот на ЕК за dtt-net.com.
Веднаш после оваа лоша вест за земјоделците и за сите оние кои имаат вложено свои средства преку оваа програма, реагираше поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
“Европската комисија го потврди прекинувањето на исплатата за ИПАРД програмата за Македонија, на неопределено време. Помина повеќе од еден месец откако понудив помош, конкретни идеи и решенија за да се избегне ова сценарио. Не слушаа, не работеа и еве ја цената. Наместо работа добивме криење, лаги и дефокус. И ете ја последицата најважната европска програма за развој на земјоделството е стопирана, а земјоделците и фирмите што со месеци чекаат инвестиции остануваат со празни раце и со единствена надеж дека ќе дојдат подобри времиња, затоа што од оваа власт очигледно нема на што да се надеваат.” – напиша Николовски на Фејсбук.
