Кривичниот суд соопшти дека ги одбил барањата за притвор за тројца обвинети во случаите Тотал и Титаник-3 на СЈО. Досега е одлучено за барањата на СЈО во пет истраги, но не е соопштена одлуката за најголемите истраги во кои се обвинети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и други партиски функционери, објави Телма.
Во случајот Тотал, СЈО бараше притвор за Драган Павловиќ-Латас, но судот не го прифати барањето и наместо тоа одреди мерки на претпазливост- одземање на пасош и еднаш неделно да се јавува во судот.
Судот ги отфрли барањата за притвор на координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими и на Исмет Гури кои се обвинети за уништување на изборен материјал на изборите во Чаир во 2013-та година.
Во случајот Тифани, на обвинетата Ивона Талевска и се одредени мерки на претпазливост – одземање на пасош и еднаш неделно да се јавува во судот. Обвинета е за даночно затајување.
Во суд еднаш неделно ќе треба да се јавуваат и 6-мина припадници на полициската единица Алфи кои се обвинети за мачење и сурово постапување при апсењето на Љубе Бошкоски. Командантот на единицата Алфи Ивица Анчевски-Пуки покрај тоа доби и судска забрана за контактирање со определени лица кои се вмешани во случајот Тортура.
Во случајот Тревник за двајца обвинети кои се товарат дека во општина Зелениково овозможиле бесправно градење судот определи мерки- еднаш неделно да се јавуваат во суд и да ги предадат своите пасоши.
-Во однос на предлозите од СЈО кои веќе се распоредени и се во работа пред Кривичните совети од одделението за Организиран криминал и корпуција, по писмена изработка на одлуките и нивно доставување до странките, јавноста ќе биде дополнително информирана во текот на утрешниот ден, соопштија од Основниот суд Скопје 1. Одлуките се донесени но дури утре ќе бидат соопштени, а се однесуваат и на обвиненијата за останатите 13 случаи, како и за Титаник 1 и 2.
