Одбележан Денот на наставниците – првпат во услови на пандемија

– Со поставување инсталација на училишни ранци во форма на срце за да им се оддаде признание и благодарност на наставниците за клучната улога што ја имаат во обезбедување квалитетно образование и поддршка на децата во исполнување на нивните потенцијали, денеска во Скопје беше одбележан Светскиот ден на наставникот.

На настанот, што е дел од кампањата дел од кампањата „Учиме од вас. Ви благодариме!“, што Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ ќе ја спроведуваат во текот на учебната 2020/2021 година, се обратија премиерот Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска, заменик-министерот за образование Арафат Шабани и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција ди Џовани.

Премиерот Заев посочи дека искрено се придружува на пораките што учениците од целата земја ги креираа и ги испраќаа до нивните наставници преку инсталацијата на училишни ранци во форма на срце, како и на пораките на благодарност од учениците до наставниците за нивната искреност и посветеност, страст и креативност да им ги пренесат на учениците знаењата и вештините, како и за советите и примерите во изградбата на генерации ученици.

-Оваа школска година е различна од сите претходни. Заради пандемијата од Ковид-19, оваа година образовниот процес во училиштата ќе се спроведува заедно со мерките за заштита на здравјето на децата и на наставниците. Поголем дел од наставните програми, за повеќе генерации ќе се организираат он лајн. Министерството за образование и наука и сите одговорни во Владата се во секојдневен контакт со наставниците, директорите, учениците, родителите, со цел заедно да ја направиме новата образовна Интернет платформа попријателска, да ги вклучи сите деца со еднаков пристап, рече Заев.

Според него, она што дава надеж е огромната посветеност на наставниците, нивните заложби, ентузијазам, чувството на општествена одговорност и покажаниот интерес за учество во обуките со желба да им обезбедат на своите ученици образование какво што заслужуваат.

-Да направат се што треба да им го надоместат на учениците присуството и дружбата во училниците. За таа своја посветеност тие навистина ја заслужуваат нашата целосна почит. Во оваа ситуација, сите мора да бидеме солидарни и да покажеме разбирање во целиот овој процес. Важно е сите да се придржуваме до мерките за заштита за полесно да ја поминеме оваа училишна година и да се погрижиме таа да биде единствена и последна ваква, рече Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e