Од полноќ изборен молк, во недела втор круг од изборите

Од полноќ почнува изборниот молк кој ќе трае до недела кога треба да се одржи вториот круг од локалните избори.

Во вториот круг ќе се гласа во 32 општини и во Градот Скопје, а ќе се прегласува за членови на Совет на три избирачки места во општината Шуто Оризари.
Во сабота вообичаено први ќе гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.
Во Градот Скопје во трката за градоначалник се кандидатот Орце Ѓорѓиевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Амар Мециновиќ од Левица.
Ќе се гласа и во скопски Карпош меѓу актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски и кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, потоа во Аеродром каде во трката се Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ и Александар Трајановски од СДСМ, во Центар меѓу Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, и Горан Герасимовски од СДСМ. Противкандидати во вториот круг во Шуто Оризари се Ерџан Демир поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Курто Дудуш од Унија на Ромите.
Втор круг ќе има и во Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебрца, Демир Капија, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново-Облешево и Чучер Сандево.
Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово на 2 ноември нема да има гласање бидејќи во првиот круг од локалните избори немаше доволен граѓани кои излегле да гласаат. Во овие општини ќе има нова постапка за избор на градоначалници која ќе почне по завршувањето на локалните избори, односно по објавувањето на конечните резултати од локалните избори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e