Доколку не сакаат да бидат на опашката на исплата на парите, општините ќе мора да ги објават информациите од јавен карактер и да ја зголемат својата транспарентност, а со тоа да добијат и првенство во исплатата на пари и на проекти од програмите за капитални инвестиции на сите министерства, од државниот буџет и од меѓународни програми, им порача премиерот Зоран Заев на локалните самоуправи.
– Тоа се околу 230 милиони евра само по програмите и плус од капиталните инвестиции каде што се пренесуваат на општините сигурно 30-40 милиони евра дополмнително. Ако сакаат да ги добијат тие пари, да биде тоа навремено и брзо, ќе мора да ја зголемат отчетноста, Ние не може да им наредиме, но дадовме јасна порака до општините, комуналните претпријатија и локалната самоуправа да ги почитуваат овие критериуми согласно ГРЕКО и нашите обврски како држава, рече премиерот Заев.
Согласно со измените на Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, се зголемува опфатот на институциите на кои се однесува отчетноста, а целта е потранспарентни да станат и јавните претпријатија и акционерските друштва основани од државата.
Вицепремиерот за борба со корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски соопшти дека е изготвена Информација која помина на последната седница на Владата, со заклучоци и обврски во рокови од 30 дена, сите институции на веб-страниците јавно и достапно до граѓаните да објават 22 типа на информации – од структура на вработени, управување, ревизорски извештаи, систематизација…
-По поминување на овие 30 дена, ќе правиме постојан пресек и пристисок сите институции да ги почитуваат овие одлуки и заклучоци на Владата, кои се и законски, да ги објавуваат информациите. Колку е поголема отвореноста и транспарентноста, тоа е половина од борбата со корупцијата која е темел на програмата на оваа Влада во следните четири години, рече Николовски.
За општините Владата не дава обврзувачки насоки, посочи Николовски, но од нивната отчетност и по мерит-систем ќе зависи и поддршката од извршната власт.
-Владата создаде на некој начин обврзувачки механизам. Кога веќе навистина даваме огромна поддршка преку разни програми, особено во капиталните инвестиции и проекти од локално значење – за изградба на водовод и канализации, пречистетелни станици, депонии, гасификација…, навистина сакаме да бараме отчетност, отвореност и зголемување на нивото на транспарентност на општините. Верувам дека во мандатот што следува, со овој нов мерит-систем ќе се следи каде и во кои општини ќе ги решаваме проблемите на граѓаните, но ќе бараме од самите општини голема отчетност, отвореност и транспарентност, додаде Николовски.