Објавен списокот на домаќинства кои ќе добијат субвенција за електрична енергија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е завршена постапката за обработка, евалуација и верификација на сите пристигнати пријави за финансиска поддршка преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година. По деталните проверки спроведени од комисиите и вкрстувањето на податоците со надлежните институции, јавно e објавен списокот на сите лица и домаќинства кои се стекнаа со право на субвенција.

Решенија за финансиска поддршка се донесени за следните категории: домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост, домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица и домаќинства со едно или повеќе потполлно глуви лица.

Комисиите ја завршија постапката на увид и проверка во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија. Согласно резултатите, утврдени се корисниците кои ги исполнуваат критериумите предвидени со Програмата, при што субвенцијата ќе се пресметува како месечно намалување на сметката за електрична енергија во износ од 1.000 денари, во траење од 12 месеци сметано од денот на поднесување на барањето.

Објавениот список е достапен на веб-страницата на Министерството за енергетика
(www.energy.gov.mk). https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/za-potrosuvacka-na-energija

Од министерството потсетуваат дека неплаќање на две последователни сметки за електрична енергија доведува до укинување на решението за финансиска поддршка, согласно правилата на Програмата.

Финансиската поддршка се распределува според принципот најниски приходи и согласно
определените буџетски средства. Програмата за 2025 година, која обезбедува вкупно 42.300.000 денари државна поддршка, има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за домаќинствата кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош.

Дополнително, мерките опфаќаат и ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритетно отстранување на дефекти и заштита од исклучување во зимскиот период.

Министерството останува целосно посветено на унапредување на енергетската сигурност и социјалната заштита на граѓаните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e