Обезбедена е потребната количина од 5 м3/сек вода за наводнување за критичните места во Овчеполието

Обезбедена е потребната количина од 5 м3/сек вода за наводнување за критичните места во Овчеполието, информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
– Селата Мустафино и Ерџелија ги добија потребните количини на вода со заеднички напори на вработените во локалната канцеларија на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и подружниците Брегалница и Свети Николе, а во партнерство со земјоделците од регионот. Заеднички со земјоделците е договорен план и распоред за правилно дистрибуирање на водата до секој корисник. Во интерес на производството и земјоделската сезона, дејствувавме навремено и ефикасно, секогаш на страната и за потребите на земјоделците.
Спречен е губитокот на вода од критични точки каде што се извршени санациони зафати долж цевководот од акумулацијата Калиманци, рече Николовски.
Веќе трет ден е воведена 24 часовна патрола на вработените од подружницата на АД Водостопанство при што се врши превенција на секој неовластен приклучок на вода. На располагање се вклучени и службите на МВР при што секое неовластено приклучување се пријавува до надлежните институции за понатамошно постапување и интервенција.
Воведен е рестриктивен план за наводнување за селото Балван во интерес на рационално искористување на водата.
– Брзо и навремено работиме за надминување на сите тековни проблеми. Стратешки планираме инвестициони зафати во Десниот магистрален канал кој води до Свети Николе за трајно решавање на недостатокот на вода за Овчеполието. Дополнително интервенираме во реконструкција на цевководот од акумулација Мавровица со нов современ цевковод. Со овие зафати ставаме крај на потешкотиите за наводнување на над 3.000 хектари обработливи површини во светиниколско. Секогаш на страна на земјоделците, заради квалитетно производство на храна и унапредување на земјоделската дејност, дециден е министерот Николовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e