Соседите со месеци слушале расправии и повици за помош од станот каде што живееле мајката и шестгодишната ќерка кои трагично настрадаа во скопската населба Тафталиџе, раскажува нивната сосетка Тања Спировска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Во разговор за 4ТВ, таа вели дека насилството не било изолиран случај, туку проблем кој траел подолго време и за кој повеќе соседи пријавувале.
„Немав страв дека станува збор за лажно пријавување, затоа што тоа траеше. Не беше пријавено само еднаш. Комшиите кажуваа дека девојчето само бегало од станот и тропало по врати барајќи помош за мајката“, вели Спировска.
Таа додава дека по една полициска интервенција поднела и претставка во внатрешна контрола поради однесувањето на полицаецот кој дошол на местото на настанот.
Според неа, трагедијата можеби ќе можела да се спречи доколку институциите реагирале поодлучно.
„Можеби ќе можевме да го спречиме ова. Ние комшиите постојано пријавувавме, но немаше повратна информација од институциите“, вели таа.
Спировска посочува дека, според информациите објавени во медиумите, родителите биле во бракоразводна постапка, но мајката била повлечена и ретко зборувала за проблемите.
„Била многу затворен тип. Дури и кога некоја комшика прашала што се случува во станот, таа рекла дека не знае. Очигледно била многу исплашена“, раскажува сосетката.
Таа смета дека одговорност треба да се бара и кај повеќе институции – полицијата, центарот за социјална работа и образовниот систем.
„Станува збор за шестгодишно дете, ученичка во прво одделение. Некој морал да забележи дека нешто не е во ред“, вели Спировска.
Најсилно, како што додава, во сеќавање ѝ останала една реченица што ја слушнала доцна во ноќта.
„Во два часот по полноќ се слушна како девојчето вика: ‘Тато ќе ја убиеш мама. Таа реченица никогаш нема да ја заборавам“, вели таа.
По трагедијата, додава Спировска, соседите тешко се соочуваат со случувањата.
„Не можеме ни да поминеме покрај местото. Сите се гледаме меѓу себе и се прашуваме дали можевме нешто повеќе да направиме“, вели таа.
