Зголемувањето на данокот на моторни возила, што законски ќе се регулира и веќе е во собраниска процедура е во насока на мерките, што се преземаат за заштита на животната средина, порача премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата на која беше промовиран проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи.
-Со новиот закон дефинитивно се водиме од еколошките параметри и тоа мораме и требае да го направиме, бидејќи поминуваме на едно повисоко ниво и во делот на еколошката заштита во увозот и купопродажбата на моторни возила. Ако досега стапките биле 18 отсто, отсега ќе бидат 20 отсто во делот на даноците, нагласи Заев.
Истакна дека нема големо покачување, но има демотивација за купување на стари возила, кои функционираат согласно лошите еколошки стандарди.
-Верувам дека за енергетските, хибридните возила ќе одиме на најниското можно ниво, стимулативно, но ако ме прашате колку ќе бидат стапките за електрични возила, ЕУРО6, ЕУРО4, не би можел сега во моментов да ви кажам премногу стручни детали, истакна премиерот.
Воведување данок на возила и зголемување на надоместоците кои се плаќаат при увоз на стари возила, се дел од мерките кои се предвидуваат за намалување на емисијата на гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина во земјава, предвидени со новиот закон за животна средина.
Новите мерки имат цел постепено заменување на возниот парк, имајќи предвид дека транспортот, заедно со енергетиката, отпадот и градежништвото е еден од најголемите загадувачи во земјава.