Новиот предлог-закон за пушење не важи за затворените простории

Предложените измени на Законот за пушењето се само во делот на законската обврска за угостителите терасите и летните бавчи да бидат отворени од три страни и без прегради, натстрешници и чадори, велат пратениците од СДСМ, кои уште пред три месеци ги предложија измените на Законот за заштита од пушењето, пренесува Макфакс.

Од таму појаснуваат дека тие не предложиле пушењето цигари во објектите да биде право на избор на угостителите. Во нивниот предлог-закон за заштита од пушењето стои дека се менува член 3, став 1 и се брише делот „исклучиво доколку просторот е покриен и отворен најмалку од три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со натстрешници, чадори и слично, а кој странично е заграден“, со што останува само дека се забранува пушењето во јавните простории. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично).

Во јавноста веќе неколку дена има лавина реакции по најавата на премиерот Заев дека Владата подготвува нов закон за заштита од пушење, со што ќе им се остави право на избор на угостителите во објектие каде што не се служи храна, самите да одлучуваат дали таму ќе биде дозволено пушењето цигари. Граѓаните поведоа и онлајн-петиција, која за 15 часа, откако е објавена, има собрано над 2.700 потписи.

„Да не дозволиме да се упропасти еден од ретките закони кој е во одбрана на човековото здравје. Дали профитот на мал број луѓе вреди колку здравјето и животот на само еден човек?“, стои во повикот на онлајн-петицијата што иницијаторот планира да ја достави до македонската влада.

Со реакција се јавија и од Министерството за здравство, од каде што велат дека при креирањето на здравствените политики мора да се води сметка за здравјето на граѓаните.

„Штетните последици од пушењето се познат ризик и според тоа Министерството за здравство не може да промовира либерализација и да поддржува политики штетни за здравјето на луѓето. Пушењето е личен избор, но пасивното не е“, велат од Министерството за здравство.

Од Владата се правдаа дека во прв план и приоритет ќе биде заштитата на здравјето на населението, како и дека нема да носат избрзани одлуки што немаат широк граѓански консензус, но и дека ќе се обезбеди суштинска јавна дебата за регулацијата на пушењето со цел да се слушне мислењето на сите засегнати страни.

Во овој момент во сила е постојното законско решение, а предлог-законот за заштита од пушење од групата пратеници ќе се разгледува по изборите. Во предлогот тие наведуваат дека целта на измените е да се решат постојните економски и социјални проблеми предизвикани од постојниот закон.

„Сметаме дека притоа, со измените и дополнувањата на текстот на законот од 2008 година наваму, воведувани се сè построги правила на заштитата од пушењето, кои особено во делот на заштитата од пушењето во угостителските објекти, се преограничувачки и за вршителите на угостителската дејност, и за корисниците на угостителските услуги и за самите пушачи. Актуелните законски решенија ја влошија економската состојба во Република Македонија со тоа што поради драстично намалената посетеност на кафеаните, кафетериите, ноќните барови, кафе-баровите, кабареата, диско-клубовите, пивниците и коцкарниците, сопствениците беа принудени да отпуштат дел од постојано вработениот персонал, со што се зголеми и бројот на невработени, што е во спротивност со владините кампањи за отворање нови работни места. Угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот (околу 75 отсто) особено за време на периодите кога временските услови не се поволни за работа (зима, доцна есен и рана пролет), период во кој угостителите се дополнително оптоварени со зголемени режиски трошоци (струја, греење и сл.)“, се вели во законското образложение.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e