Во врска со убиството на Дилавер Бојку Леку, извршено на 14 август годинава во неговиот ресторан на струшката плажа „Аква блу“, истрагата засега не соопштува никакви нови детали. Но голема е веројатноста дека истрагата не стои во место, и дека има значаен прогрес, особено во делот од реконструкцијата на случајот и идентификацијата на учесниците во извршувањето на кривичното дело. Меѓутоа, мотивот за вршење на делото сѐ уште докрај не е расветлен. Но тоа не беше пречка, во неколку наврати во медиумите да се појавуваат одредени шпекулации, кои се главно без никаква основа и само ја замајуваат јавноста, пишува Нова Македонија.
Сепак и при недостиг од официјални сознанија, изворите на весникот, независни од истрагата, од Струга информираат дека полека се склопуваат коцките од мозаикот. Неколку нови индикатори поврзани со убиството, покажуваат дека криминалната егзекуција била долготрајно планирана. Второ, постојат индиции дека се инволвирани повеќе лица во криминално, односно во т.н. злосторничко здружување, од кои најмалку пет лица биле непосредни организатори на убиството, а еден од нив – директен извршител. Постојат индиции и дека криминалната егзекуција требало да се реализира токму на денот кога има авионски лет за странска држава, токму од најблискиот аеродром, а часот за „реализација“ да се сочека за биде многу кратко време пред полетувањето на авионот, односно чекирањето (и летот, се разбира од државава) да биде во последниот момент. Во таквиот контекст, веројатно исклучително добро се водело сметка и за „идентитетот“ на извршителот и за неговите „оригинални“ патни исправи, односно и при купувањето на картата извесно време однапред.
Пред сѐ, нов момент е сознанието дека убиецот неколку дена пред убиството доаѓал во „Аква блу“ и спокојно си нарачувал некаков пијалак, ќе го испиел и си одел без да комуницира со никого. Непознатиот дошол и критичниот понеделник, си седел на својата маса и откако ја испил пијачката платил и влегол во тоалетот.
Нов момент е и бројот на учесниците во планирањето и изведувањето на убиството на Дилавер Бојку. Според информациите на изворите, за луѓето што ја организирале, планирале и реализирале целата оваа акција, се тврди дека се петмина на број. Тие дополнително имале своја мрежа и логистика, составена од луѓе од струшкото село Ливада. За лицата од логистиката на егзекуторите се тврди дека тие и не биле во тек со деталите на криминалната акција, која грижливо се подготвувала. Но, овие јатаци секако ѝ олесниле на петчлената група што го реализирала убиството, да го лоцираат Леку при неговото враќање во Македонија, непосредно пред убиството, бидејќи тој бил извесен период во странство, од претпазливост поради опасноста од крвна одмазда. Но неговото враќање не останало незабележано од јатаците, кои го препознале и добро го простудирале неговото движење.
Овие нови сознанија говорат дека целата акција за ликвидација на контроверзниот бизнисмен од Струга била долго и прецизно планирана. Кога веќе биле утврдени сите детали, бил донесен егзекуторот што си ја завршил својата работа. Дали и кога ќе биде откриен и изведен пред лицето на правдата останува да покаже истрагата, пишува весникот.
Извор: Нова Македонија