Студентите, истражувачите, практикантите, учениците, волонтерите и бебиситерите од Македонија ќе добијат актрактивни услови за да можат да се запишуваат на универзитетите во земјите членки на ЕУ и ќе добијат право во ЕУ да бараат работа или да отворат фирма.
Европскиот парламент (ЕП) денес усвои нови правила со кои се подобруваат условите за студирање во ЕУ на жители на трети земји.
“Ова се разбира се однесува и на Македонија која и претходно можеше да учествува во програмата Еразмус”, потврдија за НОВА од ЕП.
Студентите и истражувачите ќе можат, по завршувањето на студиите или проектот, да останат во земјата членка во која студирале, уште најмалку 9 месеци и тоа ќе им овозможи да бараат работа или да отворат приватна фирма.
Доколку овие лица се одлучат еден семестар да минат во друга земја членка на ЕУ, новото законодавство ќе им овозможи полесно да минат во друга земја. Тие ќе мораат единствено да ја известат земјата членка дека одлучиле да се преселат.
Истражувачите исто така ќе можат подолго да останат во странство од претходно дозволениот рок и ќе можат да го повикаат своето најтесно семејство да им се придружи додека се во ЕУ.
Студентите добиваат право да работат најмалку 15 часа неделно доколку сакаат да го подобрат својот месечен приход.
“Драго ми е што ЕУ, со овој хармонизиран европски систем, ја признава вредноста на привлекувањето на високо образован кадар и им овозможува да останат во ЕУ”, изјави Швеѓанката Сесилиа Викстром од либералната група.
Со овие нови правила ЕУ сака да им овозможи на третите земји полесно да добијат европска диплома но сака истовремено да ги привлече најспособните студенти да останат во ЕУ со што ќе се зајакне компетитивноста на ЕУ.
Овие правила ќе важат за сите земји членки на ЕУ освен за Данска, Велика Британија и Ирска.