НОВА ПРИЧИНА ЗА СМЕНА НА ТРИПУНОВСКИ Субвенции не се исплаќаат, владее тотална негрижа на државата кон сточарите

 Во континуитет паѓа цената на суровото млеко за најмалку еден денар по литар. Известувањето од дел од откупувачите е дека цената дополнително ќе се намали од 1 февруари, а дел од млекарниците тоа го направија и претходно. Ваквата вест ги разгневи сточарите кои поради нередовните субвенции мака мачат да ги одржат фармите, пишува Независен.

Сточари веќе ги даваат кравите на распродажба на огласи. Субвенциите не се исплатени по грло добиток за 2025 година кај одгледувачите на крави, ниту пак премијата за млекото за 10 месеци од лани. Во тешка состојба се и одгледувачите на овци и кози.

Беким Беџети сточар од тетовско, вели дека сточарите и секторот за млеко во државата се соочува со сериозна криза. Во изминатиот период, откупната цена на млекото за фармерите е намалена за уште 1 денар по литар, што дополнително ја влошува нивната економска состојба.

„Додека цената на млекото постојано паѓа, трошоците за исхрана на добитокот континуирано растат. Цената на тревата и луцерката е значително зголемена, при што една бала луцерка достигнува и до 5 евра, што го прави одгледувањето на добитокот речиси неодржливо.

Состојбата дополнително се усложнува поради фактот што субвенциите не се исплаќаат навреме, оставајќи ги фармерите без финансиска поддршка во критичен момент. Доколку оваа состојба продолжи, сериозно се доведува во прашање опстанокот на фармерите, домашното производство на млеко и целиот синџир на прехранбено производство. Потребна е итна реакција од надлежните институции“, изјави Беџети.

Според здружението на сточари „Пелагонско поле“ цената на суровото млеко веќе е пониска за денар до два кај повеќето млекарници. Ако цената за ситните сточари кај една од битолскките млекарници била 27-28 денари, сега се откупува и за 25 денари по литар. Додека пак од кај поголемите сточарски стопанства цената на суровото млеко се откупува за 30 до 31 денар по литар, иако претходно достигнуваше цена и до 33-34 денари за литар.

Тони Петковски, сточар од Велушина и претседател на „Пелагонско поле“ вели дека владее тотална неодговорност и негрижа на државата кон сточарите што резултура со затворање на фармите и распродажба на стоката.

„Работите се многу тешки, сточарите се фрлени на милост и немилост. Само кај нас во Пелагонија има десетина сточари што ги продаваат кравите, односно ги распродаваат за да ги затворат фармите. Ако сточар еднаш ја затвори фармата тој веќе не се враќа на чување на стоката. За жал крави се продаваат на огласи од познати и долгогодишни фармери од селата Габалавци, Драгош, Граешница Меџитлија…За крава бараат по 2.000 евра, само да ја продадат. Доаѓаат  купувачи од Косово и од Албанија, бидејќи кај нас од нашите сточари никој не купува крави“, изјави Петковски за „Независен“.

Најголемиот проблем за сточарите е што се оставени без субвенции. Лани во летото само дел од одгледувачите на крави зедоа пари за млекото за јануари и февруари и толку. Половина од одгледувачите на овци не ги зедоа целосно субвенциите за грло овца, а не им е исплатената ни премијата за млекото. Одгледувачите на кози се во најнезавидна положба, немаат земено субвенции по грло ни за 2024 година, ниту пак премија за млекото.

Извор: Независен

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e