Нова можност за 300 невработени: Плата 28.000 денари

Преку програмата Општинско-корисна работа, од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, 300 невработени лица добиваат можност за работен ангажман од 18 месеци со месечен бруто надомест од 28.000 денари, вклучувајќи осигурување и данок. Ќе обезбедуваат социјални и здравствени услуги на локално ниво. Министерството за економија и труд за таа намена објави повик на кој до 8 август годинава ќе може да аплицираат единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје.

Министерот за економија и труд Бесар Дуриши денеска на прес-конференција истакна дека целта е да се развиваат и надградуваат социјално-здравствените услуги согласно локалните потреби и приоритети.

Како што појасни, мерката не е за поддршка на комунални јавни работи, туку за подобрување на квалитетот на услуги за ранливите категории граѓани, како што се: стари лица, лица со оштетен вид, слух, телесна, интелектуална и/или комбинирана попреченост, материјално необезбедени деца и лица други ранливи групи.

– Услугите што ќе се обезбедуваат вклучуваат дневно згрижување во дневни центри, помош во домашни услови, како и поддршка преку испорака на инструментални услуги за независно живеење на овие категории граѓани. Исто така, мерката опфаќа воспитно-образовна дејност за деца на претшколска возраст, деца со попреченост вклучени во редовен образовен процес, како и поддршка за деца од социјално загрозени семејства, преку обезбедување образовни и лични асистенти, рече Дурмиши.

Финансиската поддршка за лицата кои ќе бидат опфатени со мерката во првите шест месеци ќе ја обезбеди Агенцијата за вработување, а останатите 12 месеци ќе бидат во надлежност на општините и Градот Скопје.

– Оваа мерка ќе им овозможи на невработените практично искуство, стабилност и социјална поддршка, а општините ќе можат да обезбедат квалитетни и неопходни услуги за своите граѓани, порача Дурмиши.

Тој соопшти дека преку ревизија на Оперативниот план за 2025 година, и со ребалансот на државниот Буџет, финансиите за активни мерки за вработување се зголемени за 7,49 милиони евра, односно од 16,08 милиони евра на 23,57 милиони евра. Истовремено, опфатот на корисници расте за 815 лица, од 1.730 на 2.545 кај поддршката за самовработување. За лица над 29 години бројот се зголемува од 610 на 715, за младите до 29 години од 720 на 950, а за здружување во ДОО од 400 на 880 лица.

– Ова е директен одговор на зголемениот интерес од граѓаните и стопанството и јасен показател дека нашите политики се креираат со внимание кон реалните потреби на пазарот на трудот, укажа Дурмиши.

Тој потсети и на можностите од останатите мерки од Оперативниот план, како што е Практиканство, со која младите добиваат можност да стекнат практично искуство преку работа во компании и институции, со финансиска поддршка од државата. За време на практичната обука, која трае до 3 месеци, учесниците добиваат месечен надомест од 12.000 денари, со вклучено осигурување и данок.

Со мерката Обука кај познат работодавач, пак, невработените добиваат стручно образование и практична обука кај докажани работодавачи. За време на обуката, до три месеци, се исплаќа месечен паричен надомест од 12.000 денари со вклучено осигурување и данок. Работодавачот е обврзан да вработи најмалку 50 проценти од учесниците во програмата на полно работно време најмалку три месеци.

– Верувам дека успешната имплементација на овие мерки ќе направи значаен чекор кон намалување на невработеноста и подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани, рече Дурмиши.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e