Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски соопшти дека Владата денеска ја усвои Програмата за интервентен фонд за земјоделците.
Со интервентниот фонд засега се предвидени 250 милиони денари за интервентни мерки во растителното и сточарското производство, истакна Николовски.
Николовски додаде дека за интервентни мерки во растителното производството се предвидени 120 милиони денари за субвенционирање на трошоците за вештачки ѓубрива, мерка наменета за производителите на пченица и јачмен, додека пак
сточарите ќе добијат дополнителни 400 денари за предадено јагне во регистрирани кланици и 1500 денари за предадени гоеници во регистрирани кланици.
„Ова е прв пат да се носи ваков интервентен фонд, со којшто преку интервентни мерки им помагаме на земјоделците во оваа тешка состојба на економска криза со која се соочува целиот свет, да имаат помали трошоци, а со тоа и одржливо производство“, посочи Николовски.